Александар Наумовски: На граѓаните им нудиме суштински промени, а не замени

Предизборни интервјуа на кандидатите за градоначалници.

Во предизборниот период Прес24 побара интервјуа со најголем дел од канидатите за градоначалници во скопските општини,  но и од останатите градови. Интервјуата ќе бидат објавувани согласно динамиката на одговори на кандидатите.

ПРЕС24: Повторно влегувате во трката за локалните избори во општина Ѓорче Петров. На минатите избори разликата беше мала во корист на сегашниот градоначалник. Сега имате друг против канидат. Зошто сметате дека граѓаните на општина Ѓорче Петров треба Вам да ви ја дадат довербата.

НАУМОСКИ: Поддршката што ја добив на локалните избори пред четири години, постојано расте, a тоа го потврдија и неодамнешните анкети и анализи. Низ сите овие години, а особено во последниот период поддршката од моите сограѓани е се поприсутна и очигледна. Тоа за менe претставува огромна чест, но и обврска да ги исполнам моите ветувања и мојата визија за Ѓорче која е иста како и визијата на повеќето мои сограѓани, општината да биде модерно, урбано и посакувано место за живеење со кое ќе се гордееме и ние и нашите деца. Ќе ја оправдам довербата и целосно ќе се посветам на работа во интерес на мојата населба, општина и моите сограѓани. Ѓорче е мојот дом, тука растев, се образував, спортував, тука живеам, тука растат моите деца и ниту на крај памет не ми паѓа да ги изневерам моите соседи, познаници и пријатели или пак на каков било начин  да му наштетам на нашето Ѓорче.

ПРЕС24:Како ја оценувате изборната кампања до сега?

НАУМОСКИ: На општинско ниво, изборната кампања се одвива фер, демократски и коректно. Кампањата што ја водиме е позитивна и афирмативна. На граѓаните им нудиме суштински промени, а не замени. Ѓорче Петров е повеќе од партија, Ѓорче не познава партии и затоа се обраќаме до секој жител на општината и го презентираме нашиот чесен, одговорен и домаќински пристап за живот во Ѓорче Петров за сите. Убеден сум и во следните денови кампањата ќе се одвива фер и коректно и дека на денот на изборите ќе биде испочитувана избирачката волја на граѓаните.

ПРЕС24: Кој е најсериозниот проблем за кој сметате дека е неопходно негово итно решавање?

НАУМОСКИ: Во Ѓорче постојат повеќе сериозни проблеми што имаат потреба од итно решавање и кои допираат различни категории на граѓани. Како најсеризони би ги издвоил потребата од нова градинка во Волково и итната потреба од нова современа амбуланта во Дексион. Илјадници граѓани во овие места се лишени од социјална и здравствена заштита и тоа е нешто што ќе го промениме уште во првите месеци од мандатот.

ПРЕС24: Што е она што сметате дека претходните раководства на општината не успеваа да го решат?

НАУМОСКИ: Има низа отворени и нерешени проблеми, од урбанизамот и инфраструктурата, слабата економија, до занемарување на спортот и културниот живот. Сепак, она што останува како најголем проблем што се провлекуваше во изминативе години е безидејноста, односно недостатокот на визија и стратегија за тоа како Ѓорче треба да изгледа и во кој правец треба да се движи. За жал, сите решенија се носеа парцијално, паушално и без сериозни анализи. Затоа денес, Ѓорче Петров е без ниту една квалитетна и долгорочна стратегија за неговиот развој во урбанизмот, економијата, спортот, образованието, културата...што е недозволиво за една општина што е составен дел од главниот град. Ние тоа веднаш ќе го промениме. Уште во првите денови од мандатот јас како градоначалник и членовите во Советот заедно со граѓаните, стручната јавност и граѓанските здруженија, преку посветена и одговорна работа, ќе пристапиме кон трасирање на патот Ѓорче Петров да стане урбана, модерна и развиена општина со која сите ќе се гордееме.

ПРЕС24: Во една последна Ваша изјава рековте дека жителите на Ѓорче имаат чувство дека општината е запуштена. Што подразбира тоа?

НАУМОСКИ: Како што реков и претходно, безидејноста на локалните власти ја турна општината во летаргичност и запуштеност. Немањето долгорочни и стратешки решенија за развој го направи Ѓорче општина без перспективи. Ако ги погледнете останатите скопски општини, ќе забележите дека споредено со нив Ѓорче делува инфериорно. Во општината речиси и да нема културен живот, спортот кој некогаш беше главна одлика на општината веќе одамна е замрен, економијата стагнира, младите немаат свои простори, а граѓаните се заборавени од локалната власт и се принудени сами да се снаоѓаат. Спортот го нема со својот ѓорчевски сјај.

ПРЕС24: Можете ли да наборите три проекти за кои сметата дека биле добри реализирани од претходните власти во општината?

НАУМОСКИ: За жал, речиси сите значајни проекти што се реализираа беа проекти на Градот или на централната власт, а општината беше само соработник односно еден вид на подизведувач. Искрено и одговорно, доколку се направи анализа на буџетите на општината во последните 12 години и 7 месеци, период во кој истата локална власт управува, нема ниту еден капитален проект со општински пари. Проект кој е продуциран од општината и кој значи решавање на крупен проблем. Не сакам да зборувам за економски развој или младинска политика. Жално, но вистинито.

 

 

 

02.10.2017 - 10:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа