Убедлива победа за Македонија на крајот од квалификациите за СП 2018

 

Македонската фудбалска репрезентација со триумф од 4:0 над Лихтенштајн остварен вечерва на стадионот „Младост“ во Струмица го заврши квалификацискиот циклус за Мундијалот што следната година ќе се игра во Русија.

„Црвено-жолтите“ во целост ја оправда фаворитската улога и со по два гола во првото и второто полувреме, сосема заслужено ги освоија трите бода. Во листата на стрелците се запишаа: Висар Муслиу, Александар Трајковски, Енис Барди и Аријан Адеми.

Токму Адеми кој се врати на фудбалските терени по пауза од две години колку што му изнесуваше суспензијата поради позитивен допинг тест по натпревар во Лигата на шампионите со неговиот клуб Динамо Загреб, со прекрасен гол ја оправда довербата од селекторот.

За Македонија ова беше прв триумф по осум натпревари на домашен терен и три години без полн погодок.

И покрај вечерашната победа Македонија квалификациите ги завршува на 5.место во Г-групата, но за разлика од претходните циклуси, сега со многу позитивни впечатоци и надеж дека оваа генерација во следните квалификации има квалитет и знаење за многу подобар пласман.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски на десетте средби остварија три победи, два натпревара одиграа нерешено, а од петте порази три можеа да се избегнат со малку повеќе среќа.

На другите две средби од последното коло во оваа група минимални победи за гостите Италија славеше против Албанија, а Шпанија против Израел, со идентични 1-0. Шпанија избори пласман на Мундијалот, Италија ќе игра во баражот. 

Табела: Шпанија 28 бода, Италија 23, Албанија 13, Израел 12, Македонија 11, Лихтенштајн 0.

 

 

 

09.10.2017 - 22:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега