Шок: Македонските фудбалски репрезентативци поразени од Гибралтар
По оној срамен пораз од Андора на сениорите, уште една аматерска репрезентација запишува историја против Македонија. Овој пат Гибралтар ќе се запише во историјата со прва победа на било која своја селекција на официјалните интернационални натпреварувања откако младата нивна репрезентација за играчи до 21 година запиша шокирачка, за нас, победа од 1-0 против Македонија во квалификациите за ЕП 2019 во Италија, пренесува Екипа.
Новите надежи на Благоја Милевски одиграа крајно разочарувачки натпревар во кој не само што не успеаја да го скршат отпорот на противникот, но дозволија од една своја шанса Гибралтар да дојде до првиот гол и веднаш и до првата победа во квалификациите.
Македонија на мечот играше без Елиф Елмас и Никола Ѓоргев кои добија повик во сениорската селекција за дуелот со Лихтенштајн, како и Чешмеџиев кој заработи црвен картон на претходниот дуел со Србија… Па младите демонстрираа единствено немоќ да го пробијат бункерот на домашните, покажувајќи дека сепак оваа генерација ниту оддалеку не е како онаа претходната – херојска која не одведе на ЕП во Полска.
Првата шанса за нас дојде во 22. минута кога Тихомир Костадинов се најде во одлична позиција но беше блокиран неговиот удар. Веќе во следната минута и Амановиќ се обиде но неуспешно.
По овој период, иако ние се обидувавме постојано за погодок а домашните очекувано концентрирани само на одбраната, не успеавме да создадеме ниту една посериозна шанса. Се до 39. минута кога Костадинов беше во одлична шанса но домашниот голман одбрани. Чуварот на мрежата на Гибралтар спаси и во 42. минута по обидот на Селмани, како и во 45. минута кога од само 5-6 метри Костадинов не успеа да погоди.
Очајно го почнавме ние второто полувреме, за 20 минути не создавајќи ниту една можност. Па, во 64. минута следеше казната на домашните кои од првата своја акција кон нашиот гол, од прекин, преку Ториља стигнаа до водство од 1-0.
Од тогаш како да се свестија македонските фудбалери па тргнаа поагресивно. Во 65. минута Костадинов имаше неуспешен обид, а во 66. минута Георгиев го погоди дирекот од противничкиот гол. Во 72. минута повторно Георгиев имаше убав обид, но непрецизен.
Во 88. минута Бесар Исени имаше неверојатна шанса барем за бод, но од ситуација во која беше невозможно да не се реализира не успеа да погоди. Сето тоа на крај за триумф на Гибралтар од 1-0. На крај во 95. минута и Попзлатанов уште заработи и црвен картон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа