Села демантира дека Алијансата ќе ја напушти Владата

 

По посетата на лидерот на СДСМ и премиер на Македонија, Зоран Заев во Гостивар, каде што за во вториот круг локални избори повика на поддршка на канидатот на ДУИ, во јавноста се шпекулираше дека Зијадин Села и Алијансата на Албанците се подготвени да излезат од Владата.

„Јас сум дојден да побарам поддршка за Невзат Бејта, но и да дадам збор. Знам дека ако добие поддршка од централната власт тој ќе направи Гостивар да сјае. Барајќи поддршка за Невзат Бејта ви ветувам дека ќе ја имате поддршката на Зоран Заев, на Владата и на мнозинството во парламентот. Стоиме целосно зад проектите во програмата на Бејта. Мораме заеднички да го градиме концептот едно општество за сите“.

„Ајде да постигнеме договор во Гостивар и предлагам: секој да си ја гледа својата работа. Јас премиерската, докторот да го гледа здравството, а Невзат да си ја води општината“, рече Заев меѓу другото.

Но лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села демантира дека партијата ќе ја напушти владината коалиција по локалните избори.

Села во изјава за Алсат-М тврди дека станува збор за шпекулации кои ги шири Демократската унија за интеграции за потребите на локалните избори.

„Станува збор за дезинформации што ги шири ДУИ во функција на локалните избори сакајќи да ги заплаши луѓето, онака како што постапувале секогаш. Тоа не е воопшто точно затоа што за тие прашања не одлучува ДУИ. Ние во Владата сме главни носители на реформите што таа ги прави и ние сме гарант за реформите. Не може гарант за реформите да биде еден политички субјект кој создавал проблеми како што е ДУИ. Затоа, станува збор само за шпекулации и пропаганда на ДУИ, ништо повеќе“, вели Села.

По вториот круг локални избори кој ќе се одржи на 29.октомври, работите ќе бидат појасни откога ќе се знаат резултатите, односно дали актуелниот министер за здравство Арбен Таравари ќе се врати како дел од Владата или ќе го води Гостивар.

 

 

 

21.10.2017 - 10:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега