ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДС и Заев спроведе криминални избори

 

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение истакна дека СДСМ владее како полициска хунта во државава, а не како демократска власт.

-Владата на СДС и Зоран Заев спроведе криминални избори и со тоа остави црна трага и голема дамка во историјата на Македонија. Локалните избори на 15-ти октомври ни најмалку не наликуваа на фер, слободни и демократски избори, а волјата на граѓаните воопшто и не беше испочитувана поради преголемиот притисок и изборниот инжинеринг од страна на Социјалдемократскиот сојуз и Зоран Заев. Секој ден се повеќе и повеќе информации ни пристигнуваат за изборни нерегуларности и притисоци. За прв пат во историјата на независна Македонија имавме убиство на независен кандидат за советник, во предизборниот период и на денот на гласањето имаше голем број на нерегуларности, уцени, поткуп, инциденти, а полицијата наместо да делува во служба на граѓаните и законите, дејствуваше во функција на СДС, Заев и Спасовски, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека на голем број места низ државата бил извршен т.н. метод на бугарски воз, со што гласачките кутии биле наполнети со однапред заокружени ливчиња за кандидатите за градоначалници и советници од Социјалдемократскиот сојуз.

-Бугарски воз од досега евидентираното е извршен во Карпош, Охрид, Велес, Струмица, Врапчиште, Гостивар, Гевгелија и Берово, сето ова е документирано и внесено во записник. За големиот број на изборните нерегуларности и притисоци спроведени од СДС и Заев постојат и докази. Но,за жал се премолчени и релативизирани од страна на надлежните институции, а особено од ДИК, институцијата која е најодговорна да постапи по овие сериозни докази. Очигледно е дека Зоран Заев и СДС се плашат од слободни избори, бидејќи знаат дека ќе ги изгубат, па продолжуваат со криминалното функционирање и вршат изборен поткуп и за време на вториот круг од локалните избори, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму потенцираат дека полицајци со поткупувачите делуваат во овие криминални избори.

-Државната изборна комисија која има за цел да спроведе фер и демократски избори, невладините организации кои го следеа изборниот процес, ОБСЕ и ОДИХР го премолчија овој скандал. Со враќање на правната држава и демократијата во Македонија, СДС и нејзините партиски активисти ќе понесат одговорност за сите видови на прекршување на изборните правила, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

23.10.2017 - 10:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега