Седум лица повредени во сообраќајки во Тетово

Седум повредени лица и материјална штета од околу 110 илјади денари се последиците од две сообраќајни несреќи што во текот на изминатата ноќ се случиле на две места во Тетовско, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Шест повредени сопатници има во сообраќајката на две патнички моторни возила, што утрово околу 5 часот и 30 минути се случила на крстосницата од улиците „Видое Смилевски-Бато“ и „29 Ноември“ во Тетово. Во инцидентот учествувале „Шевролет матиз“ со германски регистерски таблички управувано од 31-годишниот Е.К.од Гостивар и „Хундаи“ со тетовски таблички, што го управувал40-годишниот Б.З. од Тетово.

- Во несреќата тројца сопатници од „Хундаито“ на возраст од 11, 16 и 50 години и исто толку сопатници од „Шевролетот“, на возраст од 15, 26 и 31 година добиле телесни повреди и со друго возило биле пренесени во Тетовската клиничка болница. По укажаната помош сите се пуштени на домашно лекување. Според првичните сознанија од увидот причина за несреќата е неприлагодена брзина, а вкупната материјална штета се проценува на 80 илјади денари рече Јосифовски.

Другата сообраќајка се случила околу 19 часот на локалниот пат Тетово-Требош, откако 22-годишната А.А. од Гајре загубила контрола врз патничкото возило „Голф“ со тетовски регистерски таблички, по што возилото излетало од коловозот. При тоа таа и нејзиниот 77-годишен сопатник Н.Р., исто така од Гајре, се задобиле со телесни повреди и биле пренесени во Тетовската клиничка болница, од каде по укажаната лекарска помош биле пуштени дома. Според полициските податоци од увидот на местото причина за излетувањето е неприлагодена брзина, додека материјалната штета се проценува на 30 илјади денари. 

 

 

 

26.10.2017 - 12:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега