ВМРО-ДПМНЕ: Одржувајќи рочиште без присуство на Миле Јанакиевски, судот направи преседан
Денес судот направи преседан одржувајќи рочиште без присуство на Миле Јанакиевски и неговата одбрана. Преседанот да биде поголем, Миле Јанакиески ниту бил информиран, ниту бил уредно повикан на денешното рочиште што е спротивно на законските одредби, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Со таквиот чин директно му беше оневозможено да се произнесе за случајот и грубо му беше повредено правото на одбрана загарантирано за секој граѓанин на Република Македонија. Со ова се суспендира и законот и Уставот на Република Македонија и уште еднаш се покажува дека наместо правен, се води политички процес. Принципот за еднаквост е основен елемент на правото на правично судење во смисла на чл.6 од Европската конвенција за човекови права. На секоја странка во постапката мора да и биде дадена можност да го презентира својот предмет, под услови што не го ставаат во понеповолна положба во однос на неговиот противник, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и се додава:
„Во основните права на обвинетиот е регулирано дека обвинетиот мора да има доволно време и можности за подготвување на својата одбрана, а особено да му бидат доставени доказите против него и оние во негова корист. Во основните права на обвинетиот е регулирано дека истиот мора да има можност да се произнесе за фактите и доказите кои го товарат како и за оние кои му одат во прилог. Одбраната не смее да биде лишена од можноста да изнесе аргументи под истите услови како и обвинителството. Дека се работи за политички процес укажува и фактот што Миле Јанакиевски секој петок се пријавува во судот и тогаш Апелациониот суд можел уредно да му достави покана, а редовно присуствува на сите рочишта како на Основниот суд така и на Апелациониот суд што јасно покажува не го попречува судот во своите активности“.
Судскиот совет, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ, мора да го преиспита ваквото постапување на апелација за да се стави крај на ваквите правни преседани.
-Денешната јавна расправа мора да се повтори за да се отстранат сите небулози на СЈО дека Јанакиески или кој било друг функционер нема право на приватност и може незаконски да биде прислушуван и тој и неговото семејство, а потоа тие монтирани разговори да се употребуваат за се и сешто. Сосема е јасно дека се прават политички спектакли и се суспендира правото, како дел од политичкиот процес против ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа