Данев: Со новите даноци и административни бариери ќе дојде до намалување на економската активност

 

Предлог Буџетот на СДС е неразвоен и го зголемува буџетскиот дефицит за нови 300 милиони евра, кои ќе треба да се покрива со нови енормни задолжувања, вели Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Данев посочува дека тоа ќе значи продлабочување на буџетската дупка повеќе кредити, а помалку пари кај граѓаните. Нови кредити, кои со камата ќе ги враќаме сите ние заедно и нашите деца, пари кои не знаеме каде ќе се трошат.

Буџетот и покрај тоа што е најголем во историјата на Република Македонија не е насочен кон развој, туку кон стагнација, во предлог буџетот не се предвидени пари за покачување на платите, пензиите социјалната помош, субвенциите и капиталните расходи. Граѓаните се извисени. Заев од старт кажа дека новиот буџет нема да има развојна компонента, туку ќе се финансираат основните функции и ќе се обидат да ги реализираат капиталните инвестиции. Нас не ни треба обид, нас не ни треба половичен успех, нас ни требаат поголеми и 100% реализација на капиталните инвестиции започнати од ВМРО-ДПМНЕ. Сосема нереално е да се очекува 3.2% економски раст за 2018-та година, кога државата оваа 2017-та година едвај ќе ја заврши со 0.5% раст, а можеби и негативно ќе биде. Новата влада најавува поголеми даноци, поголеми административни бариери и додатно трошоци за граѓаните и бизнис секторот, наивно е да се верува дека тоа ќе донесе до економски раст. Треба да очекуваме намалување на економската активност, намалување на паричната маса и нов бран на отпуштања. Светска Банка и ММФ ја прават проекцијата врз основа на моменталните политики и мерки, а новата влада веќе најавува нови рестриктивни мерки, вели Данев.

Според него владата на ВМРО-ДПМНЕ најавувала зголемување на платите на целиот јавен сектор во висина од 5%, новата влада на СДС има селективен пристап и ги зголемува платите само во некои јавни сектори и тоа не според динамиката и обемот кој го најавуваа пред изборите. Тоа е нефер третман и еден доказ дека новата влада има проблеми со буџетот и намалена економска активност. Тоа значи намален економски раст.

-Новата влада ги излажа пензионерите, нема покачување. Владата на СДС го стопира и гасоводното поврзување со Грција. Тогаш од каде планираат носење на овој енергенс и по која цена? Дали ова значи стопирање и на целиот процес на гасификација. Нема ниту гас, ниту почист воздух како што најавуваа. Заев потврди дека субвенциите се намалени и дека субвенции ќе земаат само земјоделците кои оствариле поголемо производство, без да прецизира колкава ќе биде сумата која ќе ја земаат земјоделците кои поради оправдани причини нема да можат да остварат поголемо производство од претходната година. Новиот буџет не треба само да биде проткаен со по некоја активна мерка и милион или два за вработување. Новиот буџет, неговата основа треба да се вработувањата и силниот економски раст, развојот на инфраструктурата и зголемувањето на платите. Новиот буџет е пример за лицемерието на СДС и нивната негрижа за граѓаните, нагласува тој.

Данев додава дека откако ќе ги изанализираат сите апекти на буџетот во наредните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со прецизна анализа и свои предлози.

 

 

 

10.11.2017 - 17:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега