Портпаролот на Златна Зора ќе се кандидира за градоначалник на Атина

 

Пратеникот и портпарол на неофашистичката партија Златна зора Илиас Касидиарис ќе се кандидира за градоначалник на Атина на локалните избори што треба да се одржат следната година, пренесува МИА.

Во емисија емитувана на Интернет од самата партија, лидерот на Златна зора Никос Михалолиакос ги потврди шпекулациите дека Касидиарис ќе биде кандидат на партијата за градоначалник на Атина на изборите закажани за мај 2014 година.

- Реков дека според сите веројатности, ќе бидеш кандидат на Златна зора во Атина. Ми беше кажано дека еден весник јавил оти сум ја блокирал твојата кандидатура. Овие тврдења не се точни, ја пренесува „Катимерини“ изјавата на Михалолиакос.

Последен пат Касидиарис беше актуелен во медиумите кога беше исфрлен од состанок на парламентарната комисија која го испитува скандалот со „Лагард листата“. За време на сведочењето на лидерот на ПАСОК Евангелос Венизелос пред комисијата, Касидиарис го нарекол „смешен и дебел“. По овој испад, претседателот на комисијата Хрисос Маргојанакис го отстранил пратеникот на неофашистите од состанокот.

Претходно во март годинава, атински суд го ослободи портпаролот на неофашистичката партија од обвинение за напад. Касидиарис беше обвинет дека бил дел од петчлена група која во 2007 година нападна студент кој беше претепан и прободен со нож, а му била украдена и личната карта. Сведок тврдеше дека напаѓачите по инцидентот избегале со автомобилот на Касидиарис, но тој негираше секаква вмешаност во инцидентот, и беше ослободен од обвинението поради недоволно докази и постоење сомнеж. 

28.08.2013 - 14:11

најчитано сега