Шекеринска: Вељаноски да си поднесе оставка - прв чекор кон спроведувањето на Извештајот

 

Според заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска, владејачката ВМРО-ДПМНЕсе обидува да го потцени и девалвира  Извештајот на Комисијата за 24 Декември. На денешната прес-конференција таа истакна дека СДСМ ќе се бори да се имплементираат обврските од Извештајот, додавајќи дека според СДСМ, прв чекор во спроведувањето на Извештајот е оставка на спикерот Вељаноски.

-Болната вистина од која ВМРО-ДПМНЕ бега е дека во официјален и полноважен документ е нотирано бруталното исфрлање на новинарите и пратениците од опозицијата од Собранието на црниот понеделник, и дека  власта го прекрши највисокиот акт на државата – Уставот на Република Македонија. Знаевме дека ВМРО-ДПМНЕ нема да сака да се соочи со вистината. Доказ за тоа беше предлагањето на Илија Димовски и Благородна Дулиќ за членови на Комисијата. Лица кои директно учествуваа и уживаа, без око да им трепне, кога полицијата кршејќи го уставот, ги тепаше, влечеше и исфрлаше од собраниската сала нивните колеги – пратениците од опозицијата, како и новинарите од галеријата. Уште еднаш потенцираме. Извештајот за 24-ти Декември е едногласно усвоен и потпишан од сите членови на комисијата. Ставањето на забелешка при потпишувањето на Извештајот од страна на членовите на ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата, по неговото едногласно усвојување, нема никакво влијание на полноважноста на Извештајот, ни политички, ни правно, рече денеска Шекеринска на прес-конференција.

 

Според Шекеринска, власта има два става за усвојувањето на Извештајот на Комисијата за 24. декември. Едниот, вели таа, служи за домашна, а другиот за меѓународна употреба.

-Доколку премиерот е толку бескомпромисен, цврст и решителен дека Извештајот е невалиден, зошто истото што го тврди за македонската јавност, дека не ги признава правните квалификации на Извештајот, не им го соопшти и на авторитетите во Брисел? Штефан Филе конкретно прецизираше дека го поздравува финалниот Извештај усвоен со консензус. Зошто Груевски јасно и прецизно не му соопшти на Филе дека Извештајот, потврден од меѓународни експерти, го смета за  безначајно парче хартија? Дека ЕУ комесарот Филе грешно тврди дека „извештајот е усвоен со КОНСЕНЗУС, поддржан од СИТЕ членови на Комисијата„? И потоа да побара позитивен извештај на Европската Комисија за Македонија, истакна Шекеринска на денешната прес-конференција, рече Шекеринска.

 

 

Таа најавува дека СДСМ ќе инсистира на  доследно исполнување на сите обврски што произлегуваат од Извештајот, усвоен со консензус и испратен како таков, додавајќи дека тоа, според неа, е единствениот начин за враќање на европските вредности во Република Македонија.

-Денес, кога извештајот влегува во Собранието, бараме веднаш да се почне со неговото спроведување. Прв и најважен чекор што Трајко Велјановски може да го направи во спроведувањето на извештајот е да си поднесе оставка, бидејќи во полноважен и релевантен документ, е констатирано дека токму тој, во неколку наврати го прекршил Уставот, Законот на Собранието и Деловникот.

29.08.2013 - 15:32
Фото: 
дневник

најчитано сега