Филе негира дека Самарас го притиска да се “олади“ од Македонија

Комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе, преку својата канцеларија, негира дека полека „се лади“ од Македонија и обидите нашата земја да го добие заслужениот датум за преговори со Унијата, под притисок на грчкиот премиер Андонис Самарас.

Високи извори на ЕУ, кои инсистираа на анонимност, за дописникот на МИА од Брисел претходно изјавија дека Филе добил директна закана од претседателот на Владата на Грција дека ќе може да заборави на грчкиот глас во обидот да добие втор мандат во 2014 година, доколку продолжи да ја турка Македонија кон членство во Унијата.

Како што е познато, Европската комисија преку Директоратот за проширување со кој раководи чешкиот комесар, изминатите четири години лиферуваше исто толку позитивни извештаи со препорака до Европскиот совет нашата земја да ги почне преговорите за членство. Сепак, поради блокадата од Грција, а во последно време и на Бугарија, Македонија не го добиваше заслуженото, иако Филе со сите сили притискаше Грците да се откажат од блокадата, предлагајќи и варијанти за решавање на наметнатиот спор за името. Во ланскиот октомвриски извештај на ЕК за Македонија, Филе предложи македонската држава да ги почне преговорите со Унијата, а спорот со Грција да се решава во раната фаза од овие преговори.

Со цел и годинава да не добие „инспирација“ за нов предлог, со кој Грција повторно би била ставена во незавидна ситуација, а во однос на решавање на спорот и напредување на Македонија во евроинтеграциите, Филе, според изворите, добил „предупредување“ од премиерот Самарас дека е добро „да се тргне настрана“ од спорот за името и да престане да ја турка нашата земја. Ова, наводно е условено со тоа дека доколку сака Грција да даде согласност за негов нов комесарски мандат кој, заедно со мандатот на сите еврокомесари, му завршува идната година.

- Последната официјална комуникација меѓу комесарот Филе и грчкиот премиер Самарас беше пред околу една година и се однесуваше на прашањето за проширување на ЕУ, гласи одговорот за МИА од канцеларијата на Филе.

Од таборот на еврокомесарот за проширување негираат и дека тој добил закани од премиерот на Грција да престане да се занимава со македонското прашање, ниту дека по успешниот извештај на Комисијата за собраниските настани кај нас добива притисок по секоја цена Македонија да ја загуби препораката на ЕК за почеток на преговорите за членство.

Во Директоратот за проширување на Европската комисија, исто така не сакаат да кажат дали Филе е заинтересиран за уште еден комесарски мандат од четири години, за кој е потребна согласност од сите 28 земји-членки на Унијата. А, за тоа дали во новиот извештај на Комисијата за Македонија, кој ќе биде издаден на 16 октомври, Филе ќе предложи ново решение за наметнатиот спор за името, неговиот портпарол Петер Стано со одговор за МИА:„Да почекаме да го видиме следниот прогрес-извештај“!

Со оглед на тоа што Европската комисија е чувар на законите и на договорите на Европската унија, извештаите на оваа неформална Влада на Унијата се сметаат за официјални, иако за тие да стапат на сила е потребна согласност и од земјите-членки на ЕУ на Самит на Европскиот совет. Ако се знае дека ЕК, избрана од Советот, четири години по ред препорачува Македонија да ги почне пристапните преговори, последнава година има силен притисок од Грција, Комисијата да и ја одземе препораката на нашата, наводно поради недостаток на демократски капацитет во земјата, што би било преседан во ЕУ, со оглед на тоа што такво нешто досега не се случило со ниту една земја-кандидат.

Фото: 
30.08.2013 - 13:58

најчитано сега