Седум лица во фабриката за кабли Неготино намерно предизвикале стечај

 

Полициската станица Неготино поднесе кривична пријава против 47-годишниот Г.Х. во својство на генерален директор на АД „ФКН“ (Фабрика за кабли Неготино), 37-годишниот Ј.Ј. во својство на претседател  на одбор на директори на АД „ФКН“, К.Ј. (41) во својство на член на одборот на директори на  АД „ФКН“,  К.М. (41) во својство на член на одборот на директори на  АД „ФКН“, сите од Република Бугарија, како и против Љ.К. (61) од Велес во својство на член на одборот на директори на  АД „ФКН“, поради постоење на основи на сомнение дека извршиле –продолжено кривично дело „злуопотреба на службената положба и овластување“, „намерно предизвикување стечај“, „оштетување или повластување на доверители“ и   „фалсификување на службена исправа“.

Кривично пријавени се и Ј.С. (41) од Република Бугарија во својство на сопственик/управител на ФКН ДООЕЛ Неготино и С.С. од Република Бугарија во својство на сопственик/управител на “Мега Ел ООД“ Софија, мнозински акционер во АД „ФКН“, сопственик и основач на ФКН ДООЕЛ Неготино, а поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „помагање во извршување на кривично дело“.

Имено, во периодот од 2007 до 2010 година, Г.Х., Ј.Ј., К.Ј., К.М. и Љ.К. во својство на службени и одговорни лица, по претходен договор, во повеќе наврати со пречекорување на својата службена положба и овластување, постапиле спротивно од Законот за трговски друштва. Во 2007 година за задолжување на друштвото во една банка донеле одлука со која е дадена согласност целокупниот движен и недвижен имот на АД „ФКН“ да се заложи во корист на банката, при што вредноста на имотот која била „спогодбено“одредена била многу помала од книговодствената. Потоа со Ј.С. и С.С. склучувале договори-зделки за пристапување кон долг, за кои знаеле дека претставуваат зделки со заинтересирана страна, а без одобрение од надлежен орган-Собрание на акционери на АД „ФКН“ Неготино.

Исто така, тие склучувале договори и за непостоечки побарувања-цесии со поврзаното друштво „ФКН“ ДООЕЛ и преку договор за деловна техничка соработка ги отстапиле сите договори, лиценци и сертификати за производство. Покрај ова, го издавале и имотот под закуп на финансиски поврзаното друштво „ФКН“ ДООЕЛ, а со цел за прикривање на вистинската намера за пренос на целокупниот движен и недвижен имот на поврзаното лице „ФКН“ ДООЕЛ. Првите пет пријавени, спротивно од Законот за стечај, во услови кога друштвото е несолвентно и сметката е блокирана повеќе од 45 дена, со банката склучувале договори за пристапување кон долг, како и кон фиктивни договори за цесии во кои внесувале невистинити податоци, го пренасочувале целокупното работење на АД „ФКН“ преку сметката на поврзаното лице „ФКН“ ДООЕЛ, при што била извршена привидна продажба на имотот сопственост на АД „ФКН“ Неготино. На овој начин АД „ФКН“ Неготино станало трајно неспособно да ги извршува обврските кон другите доверители и со тоа извршиле оштетување на останатите доверители, акционери и на Република Македонија за износ од 847.217.663 денари. 

 

 

 

14.01.2018 - 14:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега