Неделава судења за „Таргет-Тврдина“ и „Труст“ во Кривичниот суд

 

Неделава во Кривичниот суд во Скопје се закажани судски рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство, „Таргет - Тврдина“ и за „Труст“.

Судењето за споениот предмет „Таргет - Тврдина“ за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето е закажано за 17 јануари.

Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот  директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски.

Судијката Ленка Давиткова го одложи последното рочиште, бидејќи оцени дека не се исполнети законските препоставки за одржување на главната расправа.

На 18 јануари во Судот рочиште треба да се одржи за предметот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра. Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.

 

 

 

15.01.2018 - 09:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега