Апелација ги одби жалбите - потврден притворот за уште седум лица за настаните во Собранието
Апелациониот суд Скопје, по одржаната затворена седница денеска донесе одлуки со кои ги одби како неосновани жалбите на обвинетите и ги потврди решенијата на Основниот суд Скопје за нередите во Собранието на 27. април.
Со овие одлуки им се потврдува притворот и на осомничените Иван Цветановски, Абдуљафет Алими, Љубен Аранудов, Јане Ченто, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Елена Доцевска.
Апелациониот суд во Скопјe и денеска ќе разгледа уште 9 жалби за продолжувањето на притворите на осомничените за насилствата во Собранието од 27 април.
Минатата недела Апелацискиот суд на јавни и на нејавни седници ги разгледа и ги одби жалбите на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, на актерот Владо Јовановски, на поранешниот директор на Македонската опера и балет, Игор Дурловски, на Оливер Поповски, Горан Ѓошевски, Мунир Пепиќ, Душко Лазаров, Митко Пешов, Оливер Раудлов, Богдан Илиевски и Илија Славевски, кои остануваат во притвор.
Сите се товарат за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа