Ахмети: Грција сака Македонија да напредува во евроинтеграциите

 

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска во Атина имаше средба со грчкиот министер за надворешни работи и вицепремиер Евангелос Венизелос.

- Ова пред се беше многи значаен состанок и многу пријателски разговаравме за регионалните политики, за инвестициите, како и за интегрирањето на нашата земја и целиот регион на западен Балкан во евроатлатнските структури. Република Грција секогаш ќе биде од полза и ќе му помага на регионот да стане дел од НАТО и ЕУ. Истовремено разговаравме и за градењето силни односи со соседите, како и од потребата за соработка на сите политички и економски полиња, изјави Ахмети по средбата.

Тој информира дека го иницирал и прашањето за името на Македонија затоа што нашата земја има потреба што е можно побрзо да стане дел од НАТО и ЕУ.

- Тоа е тема која бара залагање од Обединетите Нации, посебно од медијаторот Метју Нимиц кој набргу ќе го посети регионот, нагласи Ахмети и додаде дека со Венизелос не разговарале за конкретни предлози.

Лидерот на ДУИ смета дека Нимиц е личност која треба да го менаџира проблемот кој и пречи на Македонија да стане членка или да добие покана за членство во НАТО, и да почне преговори за членство во Унијата.

- Ќе почекаме и ќе видиме како ќе се развива ситуацијата по посетата на Нимиц. Остануваме оптимисти дека Нимиц доаѓа со мисија, рече Ахмети.

Во однос на агендата на грчкото претседателство со Унијата, на која проширувањето не е меѓу приоритетите, Ахмети изјави дека Грција е заинтересирана Македонија да постигне напредок во евроинтеграцијата.

- Грција е заинтересирана нашата земја да ги исполни стандардите кои што ќе ја доближат до ЕУ. Без разлика дали е тоа во полето на судството или слободата на медиумите, или во внатрешната демократија, рече Ахмети.

Тој и овој пат повтори дека сите државни теми кои бараат решение се дел од одговорностите на ДУИ како коалициски партнер во македонската Влада.

- ДУИ има своја политичка платформа како за внатрешните, така и за надворешните политики. Но никогаш не дејствува и не работи без да биде информиран коалицискиот партнер, нагласи Али Ахмети.

02.09.2013 - 15:20

најчитано сега