ВМРО-ДПМНЕ: На Зоран Заев не може да му се верува

Зоран Заев долги години зад себе ја лаже јавноста во Македонија. Ние нема да зборуваме на памет, ние конкретно и со факти ќе го потсетиме за сите негови лажни ветувања. Со неговиот однос тој не потценува сите нас, ја потценува македонската јавност. Лесно ветува, но не остварува.

          Од неговите два минати мандати како градоначалник на Струмица, останаа голем број ветени, а не остварени проекти. Многу празни зборови, китење со туѓи заслуги и константно повторување на едни исти проекти од мандат во мандат кои потоа никогаш не ги реализира.

          Ако тој ги заборавил брдата и долините кои ги ветуваше пред граѓаните, ние денес ќе го потсетиме и тоа не за да го критикуваме, туку за да покажеме на јавноста колку овој човек лесно и на празно ветува.

          Тој пред граѓаните вети СПА Центар Банско уште во 2005 година, за потоа и на следните избори пак да го повтори во својата програма. На колку ли само избори планира Зоран Заев да излезе со едно исто ветување кое со години веќе никако не ни започнува да го реализира. До тогаш на местото на неговиот СПА Центар граѓаните ќе гледаат само дива депонија.

          Веќе два изборни циклуси Зоран Заев пред граѓаните ветува изградба на прочистителна станица во Струмица и довршување на ободниот канал.  Досега ниту прочистителна станица направи, а уште помалку ободен канал. За ободниот канал уште во 2005 година кажа дека ги има обезбедено средствата од Владата на СДСМ, а благодарение на неговата неажурност и сомнителните бизниси, граѓаните на Струмица секоја година редовно се справуваат со штети од поплавите.

          Уште едно ветување кое го даде Зоран Заев, а не го реализираше беше изградба на два нови булевари (бул. Климент Охридски – Жито Струмица -Терминал) и булевар Свети илијски порој. На двата булевари сеуште не е ни започната работата.

Зоран Заев во изминативе години вети пред граѓаните и нереализра:

  • Изградба на старечки дом, не го направи;
  • Урбано уредување на турската маала, а таму луѓето сеуште живеат како во 19 век; 
  • Воведување на организиран јавен градски превоз, а го нема;
  • Вети формирање на бескаматен кредитен фонд за мали фирми со можност за плаќање на заемите на повеќе години, неисполнето ветување;
  • Вети 4 јавни тоалети во Струмица ама нема ниту еден, 
  • Вети уредување на нов парк во Втора урбана зедница непосредно до основното училиште Никола Вапцаров;
  • Вети изградба на цветен пазар;
  • Вети целосна замена на постоечките улични светилки со штедливи светилки, а делови од градот и населените места не се осветлени воопшто;
  • Вети отварање на 12 јавни паркиралишта
  • Вети изградба на училишна спортска сала во ОУ Никола Вапцаров;
  • Вети дека ќе изгради велосипедска патека на релација Струмица -Куклипш -Свидовица –Банско, како и  трим патека во с. Банско, празно ветување;
  • Вети и уште многу други поректи кои останаа само празни ветувања и шарени лаги кои Зоран Заев ги кажа пред граѓаните на Струмица.

          Ова се премногу лажни ветувања за еден градоначалник на Струмица кој што ги дал пред своите граѓани во изминатите два мандати. Зад овие лажни ветувања стои човек кој сега има доблест да бара поддршка од сите граѓани на Република Македонија. Ако дал толку многу ветувања кои не ги исполнил пред граѓаните на Струмица, лесно може да се дојде до заклучок колку празни ветувања ќе дава насекаде низ Македонија.

          Но ова се само мал дел од проектите кои Зоран Заев можеше и ги ветуваше, а не ги реализира за 9 години.

 

          На Зоран Заев не може да му се верува.

(Интегрален текст од прес-конференција на Борче Стамов, ВМРО-ДПМНЕ)

04.09.2013 - 13:54

најчитано сега