Албанија ќе издаде енциклопедија против „Македонската енциклопедија“

 

Новиот претседател на албанската Академија на науките, Музафер Коркути, го обелодени неговиот приоритет во врска со објавувањето албанска енциклопедија позната како Енциклопедиски речник. 

Во интервју за весникот „Газета шќиптаре“ тој нагласува дека речникот ќе биде „противодговор на извртените факти во македонската еницклопедија“, кога станува збор за Албанците.

- Тоа е неопходно. Тој ќе даде одговор на темелните прашања од нашата историја. Ќе биде објавен на англиски јазик  со цел на нашите соседи да им стане јасно потеклото на Албанците. Читајќи го овој речник на англиски јазик, ќе им бидат појасни проблемите кои се однесуваат на Албанците и ќе биде одговор на извртените факти кои се направени, како што е случајот со македонската енциклопедија, изјавил академик Коркути. 

На функцијата прв човек на ААН академик Музафер Коркути беше избран пред два дена, наследувајќи го академик Гудар Беќири, а досега беше заменик-претседател на академијата.

Објавувањето на „Македонската енциклопедија“ во 2009 година предизвика лавина реакции меѓу Албанците во Македонија, како и меѓу академиците во Албанија, кои сметаа дека во делот за Албанците нејзината содржина е навредлива.  

Претседателот на МАНУ Владо Камбовски за време на престојот во Дебар во мај  годинава изјави дека оваа есен се очекува да заврши корекцијата на „Македонската енциклопедија“, која по критиките пред четири години беше повлечена и набргу составена нова редакција за ново, ревидирано издание.   

04.09.2013 - 14:33

најчитано сега