Комисијата за верски заедници: И поглаварите на МПЦ и ИВЗ да се вклучат во решавање на проблемот во Октиси

 

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи иницира средба на која треба да присуствуваат и архиепископот на Македонската православна црква - ОА г.г. Стефан и поглаварот на ИВЗ Реиз ул Улема Хаџи Сулејман Реџепи за надминување на недоразбирањата за изградба на црква во струшкото село Октиси, којa би се одржала до крајот на оваа недела или веќе од идниот понеделник.

Претседателката на Комисијата за верски заедници Валентина Божиновска денеска изјави дека би требало да има поголема средба на која освен струшкиот муфтија Салим Сулејмани и митрополитот Дебарско-кичевски г.Тимотеј би требало да присуствуваат и поглаварите на МПЦ-ОА и на ИВЗ.

- Таму каде што, гледаме сега, дека верските лидери неможат да најдат заеднички јазик, Комисијата ќе мора веднаш и брзо да се вклучи во разрешување на таканаречениот спор „Октиси“. Секој ден сум во контакт со митрополитот Тимотеј, еве и со Реисот ул Улема Хаџи Сулејман Реџепи имавме некакво заедничко видување и мислам дека до крајот на неделата или веќе од идниот понеделник ќе имаме некаква средба и почетоци на разрешување на спорот, изјави Божниновска.

Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, струшкиот муфтија Салим Сулејмани и градоначалникот на Струга Зијадин Села во зградата на општина Струга денеска одржаа средба за изградбата на црква во село Октиси, за која на 25 август жителите од христијанска вероисповест беа спречени од нивните сожители муслимани да ги осветат темелите.

Митрополитот Тимотеј, по едночасовен разговор најави дека средбите ќе продолжат до изнаоѓањето решение за изградба на црквата „Св. Димитрија“ во Октиси.

- Се договоривме да продолжат разговорите во разубедување кај двете страни за да се смират страстите и да се почне со градба на параклисот „Св. Димитрија“ во село Октиси. Сега си земавме обврска тие да работат кај своите, ние кај нашите и да најдеме решение, изјави митрополитот г. Тимотеј.

Струшкиот муфтија Сулејмани истакна дека како претставници на верските заедници се должни да ги чуваат и муслиманството и христијанството. 

04.09.2013 - 15:43
Фото: 
ФОТО: А1ОН

најчитано сега