Положено цвеќе за спомен на жртвите од потонатиот брод „Илинден“

Денеска делегации на Општина Охрид, Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола, Капетанијата на пристаништата, граѓански здруженија, и граѓани на Охрид положија цвеќе пред споменикот на жртвите во бродската несреќа на Охридското Езеро.

Бродот „Илинден“ на 5 септември пред четири години се преврте и потона во водите на Охридското Езеро, на 250 метри од брегот кај автокампот „Елешец“. За жал во несреќата загинаа 15 од 57-те лица на бродот, државјани на Република Бугарија - осум жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.

Вршителот на должноста конзул во Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола Данчо Минчев ја искористи оваа прилика да се заблагодари на општинските власти во Охрид и на Здружението на граѓани „5 септември“, како и на граѓаните на Охрид за споменот на жртвите во бродската несреќа. - Благодарение на Здружението „5 септември“ е поставен овој паметник, а администрацијата на Охрид секоја година тука се положува цвеќе во спомен на трагично настраданите луѓе. Бугарската Амбасада и Конзулатот им благодарат ним и на сите вас кои не го заборавате тој трагичен инцидент. Се надеваме дека во иднина на ова или на местото на самата трагедија ќе биде поставен мал, но подостоен споменик за нашите загинати сонародници, изјави Минчев. Тој изрази уверување дека постои подготвеност кај градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, така и на бугарските власти за финансиска поддршка за изработката на таков споменик.

Делегациите на општина Охрид и на Конзулатот на Република Бугарија со чамци отпловија и до местото на потонувањето на „Илинден“, каде фрлија букети цвеќе во водите на Охридското Езеро, во спомен на жрвите во најголемата бродска несреќа во Македонија.

05.09.2013 - 12:41
Фото: 
евести

најчитано сега