Законот за јазиците утре на собраниска седница, неизвесно дали ќе има расправа по амандманите на опозицијата
Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре за напладне го закажа продолжението на 32-та седница на која на дневен ред се и амандманите за Законот за употреба на јазиците за кој опозициската ВМРО-ДПМНЕ има поднесено над 35.000 амандмани.
Се уште се чека политички договор меѓу власта и ВМРО-ДПМНЕ за 36-те илјади амандмани поднесени од опозициската партија, објави Сител.
Дека нема договор вчера потврдија и самите лидери на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски по неколкучасовната средба во Владата. Премиерот Заев инсистираше на разумност од ВМРО-ДПМНЕ односно да ги повлече амандманите со цел законот да пројде, а Собранието да не заглави во шестмесечна расправа по него. Според него Уставниот суд требал да направи проценка за уставноста на законот, а не Собранието.
На денешната координација, како што велат извори присутни на состанокот кај Џафери, паднал договор за утре да се закаже продолжение две седници, меѓу која и онаа на која е и законот за јазиците, но првично да се поминат останатите заостанати точки, како што е намалувањето на патните трошоци за народните избраници . Упатените велат дека не е исклучено Џафери да ја отвори расправата и по законот за јазици без договор со ВМРО-ДПМНЕ.
Впрочем, минатата недела токму Џафери најави дека законот ќе биде прегласан, но без расправа по амандманите на ВМРО-ДПМНЕ. Како тоа ќе се случи не објасни.
Инаку, Собранието денеска го избра Насер Ајдари, дипломиран правник и државен правобранител, за нов судија во Уставниот суд на Македонија.
Собранието ги избра и Ангел Солев, поранешен судија и адвокатот Ангеле Илиевски за членови на Советот на јавни обвинители. На седницата не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
За утре е закажано и продолжение на 11. седница која има заостанато една точка на дневниот ред и тоа измени на Законот за заштита од пушење.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа