Червар: Време е да свртиме нова страна на меѓусебните натпревари со Вардар
Дојде време да свртиме нов лист на дерби дуелите. Независно од резултатот треба да владее фер-плеј и да им се овозможи на гледачите едно уживање на овие натпревари. Апелирам да престанат инцидентите, како и навредите на трибините. Сметам дека сме дојдени до тој степен овие дерби дуели да бидат празник на ракометот во Македонија, изјави Лино Червар тренерот на ракометниот вицешампион Металург и додаде дека позитивно расположение гледа и во противничкиот табор.
Хрватскиот стручњак за настапите на неговиот клуб во СЕХА лигата рече дека се добра можност за промоција на ракометот на овие простори, но и шанса која треба да ја искористат помладите.
- Во регионалното натпреварување поголема минутажа ќе добиваат помладите играчи со што ќе можат да стекнат искуство на меѓународни и силни натпревари. Секако нема да го запоставиме ниту натпреварувачкиот карактер и без оглед со кој состав ќе настапуваме секогаш ќе одиме на победа, истакна Червар на денешната прес-конференција.
Червар упати комплименти за составот на „црвено-црните“.
- Го почитувам нашиот противник кој создаде „дрим-тим“ со играчи од повеќе репрезентации, кој од кој поквалитетни, а имаат и „долга“ клупа. Двете екипи се доволен мотив салата да биде исполнета.
Натпреварот Металург - Вардар од 1.коло во СЕХА лигата е дел од неделата на спортот за одбележување на празникот 8 Септември. Од Металург апелираа фер и коректно навивање и достоинствено однесување на сите присутни во салата „Борис Трајковски“.
Почетокот е закажан за утревечер со почеток во 20 часот и 15 минути.