СДСМ: Законот за јазиците ВМРО-ДПМНЕ го користи како изговор за блокада на реформите
Законот за јазици којшто ВМРО-ДПМНЕ еднаш го прифатија, денес им служи само како изговор за блокада на реформите, обвини денеска СДСМ. Според владејачката партија, јасно е лицемерието и преправањето на опозициската партија.
„Граѓаните добро знаат дека ВМРО-ДПМНЕ прифати предлог – закон за употреба на јазиците, во надеж дека ќе формираат влада. Денес, законот за употреба на јазиците ВМРО-ДПНЕ го користи само како изговор да продолжат со блокада на реформите и со тоа да го кочат развојот и напредокот. Дебатата за употреба на законот за јазици е отворена 9 месеци и доколку ВМРО-ДПМНЕ сакаше, досега имаше можност да учествува во процесот на донесување на законот. Наместо тоа, опозициската партија реши да го блокира процесот и со тоа да дејствува против европските вредности и против градењето на едно општество, концепт што доби силна поддршка од граѓаните на последните неколку избори“, соопшти СДСМ.
Според партијата, законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот и Амандманот 5, кој е донесен во 2001 година. Очигледно Христијан Мицковски ги продолжува политиките на поделби на неговиот претходник Никола Груевски, со што ВМРО-ДПМНЕ повторно работи спротивно на интересите на граѓаните и државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа