Честитка од Груевски за Денот на независноста на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска упати честитка по повод Денот на независноста на Република Македонија - 8 Септември.

- Деновиве бележиме 22 години од моментот на чест и храброст, кој македонските граѓани го имаа за да бидат носители на демократија, слобода и солидарност. Во тој момент се постигна повеќевековната цел, се исполни аманетот на нашите предци и желбата на сите нас да живееме во слободна, независна и суверена Република Македонија, се вели во честитката од премиерот.

- Во минатото имавме предизвици од кои излеговме посилни, поминавме низ позитивни и негативни процеси, но заедно ја исправивме Република Македонија во самостоен и независен државен субјект. Превземајќи ја целосно одговорноста за сопствената судбина, во изминативе 22 години докажавме дека имаме капацитет да изградиме здраво, демократско и просперитетно општество, вели Груевски во честитката.

- Нека овој 8 Септември ни даде сила да продолжиме, нека овој ден не потсетува на предизвиците, кои сме ги надминале и нека овој ден вечно ги потхранува визијата и стремежот за подобра Македонија.  

Таквата историска визија и стремеж за сите нас се современо и модерно општество, држава на благосостојба, хармонија и разбирање, членство во меѓународните организации кон кои сме насочени, економски напредна и силна Република Македонија. Нека 8-ми Септември вечно се памети и секоја година се прославува со уште поголема радост, гордост и љубов, стои во честитката од премиерот Груевски по повод Денот на независноста.

07.09.2013 - 14:41
Фото: 
Новатв.мк

најчитано сега