ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла обвинувањата на СДСМ: Македонската полиција се реформираше и се доближи до европските стандарди

 

СДСМ продолжува да критикува по секоја цена. Секој ден измислуваат нешто за кое неаргументирано критикуваат.

Очигледно дека партиската заслепеност на Фросина Ременски не и дава да ги види реалните факти. Македонската полиција изминативе години целосно се реформираше и се доближи на европските стандарди. За тоа говорат извештаите на Европската Комисија кои секоја година по ред бележат напредок во сферата на министерството за внатрешни работи. Дополнително, за реформите и напредокот говори и последниот извештај на ОБСЕ кој го правеше Агенцијата Рејтинг.

Ременски можеби не може да го препознае МВР, затоа што со него не раководат кадри какви што своевремено СДСМ поставуваше за министри.

Да ја потсетиме јавноста дека со МВР раководеше Љубомир Фрчковски, министер во чие време се случи атентатот на Киро Глигоров, за кој од самиот старт се водеше непрофесионална истрага. Во негово време се случуваше и кршење на ембаргото кон Југославија и шверц, за што говорат белосветските криминалци. Истиот Фрчковски го злоупотребуваше МВР за да ги следи и прислушкува опозициските партии и сите кои не размислуваа како СДСМ.

Потоа со МВР раководеше Чокрески, во чие време продолжија праксите воспоставени од Љубомир Фрчковски, но се случи и кражбата на 28 килограми кокаин од депото на полицијата.

Кадар на СДСМ кој раководеше со МВР беше и Хари Костов, кој со денови преговараше на ливади со криминалци и терористи кои го држеа Скопје на нишан.

Или, на крајот да го споменеме Љубомир Михајловски Џанго, кој како адвокат ја бранеше Чочороска во случајот со заплената на половина тон кокаин, со тоа загрозувајќи го кредибилитетот на својата претходна функција. Очигледно Михајловски не можеше да се помири со таа акција.

Ете вакви кадри го водеа МВР во време на СДСМ.

Дополнително во време на СДСМ, ниту се набавуваа возила за полицијата, ниту се набавуваше униформа, нова полициска опрема и други потребни средства. Во време на СДСМ се набавуваа само скапи уметнички слики.

Денес МВР е целосно реформирано и има расчистено со методите кои се користеа во едноумието, а кои СДСМ уште долго потоа ги злоупотребуваше.

 

Денес во сите параметри МВР функционира поуспешно од времето кога ова министерство беше само продолжена рака на партијата СДСМ, а тоа на Ременски како потпретседател на СДСМ очигледно и пречи.

Интегрален текст од реакција на ВМРО-ДПМНЕ.

07.09.2013 - 15:35

најчитано сега