Адеми: Законот за планински патеки ќе го подобри туризмот во Македонија
Законот за планински патеки ќе создаде услови за развој и унапредување на планинарскиот туризам во Македонија, преку создавање безбедни услови за користење на планинарските патеки, најави денеска министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми пред учесниците на првата јавна расправа за Предлог законот за планински патеки.
- Со донесување на Законот ќе се утврдат условите и начинот на уредување на планинските патеки, нивното одржување, класификација и категоризација, како и други прашања значајни за нивно користење. На тој начин ќе се постигне и поголема заштита на природата и спречување на негативните последици врз биодиверзитетот, рече Адеми.
Како што рече министерот, Законот за планински патеки има цел да обезбеди одржливо користење на природно богатство во интерес на сегашните и идните генерации, без значително оштетување на деловите на природата и нарушувања на природната рамнотежа. Со Законот ќе се спречат негативни активности на физички лица и нарушувања во природата како последица на користење на природното богатство
На расправата која ја организираше Министерството за животна средина и просторно планирање присуствуваа претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од Агенцијата за промоција и поддршка во туризмот во Македонија, од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и други кои се дел од изработката на Предлог законот.
Претставник од планинарско друштво во своето излагање имаше забелешка за Законот за кој вели дека никаде во него не се спомнува за безбедноста во планините како и за туристичката понуда која не е застапена во ниедна точка. Имаше предлози за вметнување на точки во Законот за задолжително поставување на информативни табли и мапи за полесно снаоѓање на планинарите, како и забелешка за членот 22 во кој има само четири ставки кои се однесуваат за планинарските водичи, кои пак не се доволни.
Претседателот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, Јовица Угриновски ја поздрави иницијативата за донесување на ваков Закон за кој кажа дека е одличен, концизен и дека може веднаш да се преимени.