Семинар за постапување во предмети на злоупотреба на службената положба

 

 

Од денеска до 14. септември, судии од кривичните оддели и јавни обвинители од сите инстанци, претставници на МВР и адвокати, ќе учествуваат на семинар на тема „Постапување во предмети на злоупотреба на службената положба“.

Семинарот е во организација на Академијата за судии и јавни обвинители, а во соработка со Министерството за правда на САД, програма  ОПДАТ  при Амбасадата на САД во Република Македонија, во рамките на Антикорупциската програма на Министерството за одбрана на САД (ЕУЦОМ).

Судиите од кривичните оддели и јавните обвинители од сите инстанци, претставниците на Министерството за внатрешни работи и адвокатите кои ќе учествуваат на семинарот ќе имаат можност да се запознаат со начинот на кој функционира правосудниот систем на САД кога станува збор за злоупотреба на службената положба преку презентациите на Марк Лајтл, федерален јавен обвинител, Источен Округ на Верџинија, координатор за предмети од областа на јавната корупција, но исто така, и преку презентациите на Марин Мрчела, судија на Врховен суд на Република Хрватска, кој воедно е и претседател на ГРЕКО Комитетот (група на држави во борба против корупција) на Совет на Европа, ќе имаат можност да ги слушнат искуствата на Република Хрватска поврзани со истрагата и гонењето во случаи на јавна корупција, како и за препораките на ГРЕКО Комитетот и нивното влијание врз јакнењето на анти-корупциската правна рамка во Европа. 

Домашни искуства ќе ги презентираат домашни експерти, пришто ќе биде презентирана и новата улога на истражните органи во постапувањето во случаи на јавна корупција, согласно новиот Закон за кривична постапка.

Со воведно обраќање до присутните семинарот ќе го отворат јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, заменик шефот на Мисијата на САД во Република Македонија Бартон Путни, како и едукаторите Џими Ворен, постојан правен советник, Програма ОПДАТ при Амбасадата на САД во Република Македонија и Марк Лајтл, федерален јавен обвинител, Источен округ на Вирџинија, координатор за предмети од областа на јавната корупција. 

12.09.2013 - 09:30

најчитано сега