Штинер: Старт на преговорите со ЕУ и паралелно решавање на спорот за името
Германскиот пратеник, либералот Рајнер Штинер за Дојче Веле вели дека Македонија треба да ги стартува преговорите со ЕУ и паралелно да го решава спорот за името. Тој смета дека барањето земјата да го смени името за да стане полноправна членка на ЕУ и НАТО е уцена.
- Јас сум целосно на страната на Македонија. Не можам да ја сфатам грчката страна. Факт е дека Грција со години блокира и сметам дека ќе биде добро доколку европските држави и НАТО делуваат порешително. Уште подобро ќе биде доколку, пак, Македонија и натаму посилно покаже дека е посоветена на европските вредности. Последниве месеци се говори дека во Македонија во игра повторно силно се вратени националните аргументи. Ова не ја прави состојбата поедноставна, но и покрај тоа, се надевам на скора разврска, оптимист е Рајнер Штинер, гласноговорник за надворешна политика на пратеничката група на либералите во Бундестагот.
Пред есенскиот извештај на ЕУ за напредокот на Македонија Штинер ја коментира и опцијата - старт на преговорите за полноправно членство и паралелни преговори за решавање на спорот со името.
- Сметам дека тоа би бил вистинскиот пат по кој треба да се чекори. Да се воспостави вид на параленост, а не условеност! Впрочем имавме и други пристапни процеси во кои имаше паралелност. Сметам дека работите може на ваков начин и да се решат, вели Штинер според кого одолговлекувањето на целиот пристапен процес може да се рефлектира и врз внатрешната стабилност на Македонија.
Тој е категоричен дека реформите кои се спроведуваат не само во Македонија, туку кај сите кандидати и потенцијални членки на ЕУ, се со цел да го подобрат животот на луѓето, да владее правната држава и пазарното стопанство, демократијата и слободата на медиумите. Реформите не се прават да им се угоди на Германија, Холандија или Британија. Штинер порачува дека и во случај на несреќно отегнување на доближувањето до Унијата, започнатите реформи мора да продолжат, што е во полза на државите кои тежнеат кон ЕУ-членство.
Германскиот парламентарец вели дека покрај ЕУ, и НАТО треба да ги отвори вратите за Македонија и оти земјите членки треба да направат поголем притисок, зашто од заеднички интерес е таа да стане полноправна членка.
- Се надевам дека Македонија ќе биде тема на наредните самити како на НАТО, така и на ЕУ. Не можам да го разберам ова одалагање, зашто Македонија го оствари бараниот напредок. До 2011 година извештаите за напредок беа позитивни. Сега има делумно измешана слика. Сметам дека е апсолутно бесмислено што поради спорот со името пропаѓа полноправното членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, забележува Рајнер Штинер.