По цели 35 години затворен случајот за Бугринот убиен со чадор
Државното обвинителство во Бугарија го затвори случајот за убиството на некогашниот дисидент Георги Марков, кое беше извршено со чадор во Лондон. Случајот е затворен после цели 35 години од неговата смрт.
Марков беше публицист и новинар, кој остро го критикуваше режимот на Тодор Живков. Живееше во Велика Британија, каде што работеше во бугарската секција на Светскиот сервис на Би-Би-Си.
Марков беше „случајно погоден“ со врвот на чадорот од еден непознат минувач, додека чекаше автобус, на лондонскиот мост Вотерло. Според исказите на неговата сопруга, уште истата вечер Марков се разболел, а по извесно време и умре, од непознати причини.
Подоцна Британската истрага откри дека бугарскиот дисидент, всушност, бил убиен со вбризгување на отровот рицин, преку врвот на убиствениот чадор, во кој отровот бил сместен.
Убиството на Марков беше прикажано како дел од тогашната „студена војна“ меѓу Истокот и Западот, но случајот остана отворен, во надеж дека ќе се најдат вистинските виновнци, оние кои дадоа налог за убиството на бугарскиот дисидент и извршителот на атентатот.
По поминати толку години, се уште нема никакви нови сознанија за ова убиство, ниту во Бугарија, а ниту надвор од земјата, па обвинителството во одлучи Софија, го затвори случајот врз законска основа, затоа што според бугарските прописи тој застарува кога ќе помнат 35 години.
Во Велика Британија властите продолжуваат да ја водат истрага за убиството на Марков и нема да го затворат случајот, затоа што во Велика Британија нема законска рамка за застарување на еден криминален случај. Британската полиција и натаму ја држи отворена истрагата, но засега никој не е откриен и обвинет.