Се основа парламентарна група за поддршка за правата на Ромите во Македонија

 

Во Собранието денеска беше промовирана Интерпартиска парламентарна група за правата на Ромите во Република Македонија, во која членуваат пратеници од различни политички партии.

Претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека овие групи за поддршка се доказ дека пратениците созреваат и се издигнуваат над партиските интереси без разлика на политичката провиниенција од која доаѓаат.

- На сите ни е добро позната генералната состојба на овие наши сограѓани односно фактот дека се маргинализирани, недоволно интегрирани во општеството со низок степен на вклученост во образованиот процес и недоволна покриеност од страна на здравствениот сектор и ред други неповолности кои негативно влијаат врз нивната економска и општа благосостојба, рече Џафери. 

Во Собранието се носат законите, но потенцира тој, „не смееме да оставиме само на донесување на квалитетни закони, туку треба да се ангажираме во насока на вршење надзор врз имплементацијата, односно спроведувањето на тие закони“. 

Пратеникот Самка Ибраимовски истакна дека Ромите остануваат најранлива и најчуствителна заедница со се уште големи проблеми и нерешени прашања во делот на домувањето, здравството. вработувањето... 

- Ја правиме оваа интерпарламентарна група за тоа како и на кој начин да помогнеме за да се решат сите проблеми на ромската заедница во Република Македонија. Сметам дека имаме тешка задача, тешки проблеми, знаеме Ромите во која состојба се наоѓаат, рече Ибраимовски. 

Министерот без ресор за имплементација на Стратегијата за Ромите Аксел Ахмедовски истакна дека нарушувањето на човековите права најмногу се забележани кај ромската заедница, како најмаргинализирана група која е најподложна на дискриминација по сите основи. 

- Потребно е да се направат напори за зголемување на нивото на имплементација на Стратегијата на Роми 2014-2020 и националните акциски планови за домување, здравство, вработување, зајакнување на положбата на жената Ромка, рече Ахмедовски.

Потенцира дека е клучно што постои политичка волја кај новата Влада за вистинска имплементација на Стратегијата на Ромите во Македонија, и за следење на сите европски препораки.  

Заменик - народниот правобранител Васка Бајрамовска истакна дека секогаш кога Роми се обраќаат во канцелариите на правобранителот во земјата, бараат заштита и овозможување на некое право. 

Годинава Народниот правобранител ќе биде домаќин на регионална конференција која треба да даде одговори на прашањето што е променето по Декадата на Ромите. 

- Нема битни, позитивни промени во ниту една од областите што беа опфатени со декадата на Ромите и националната стратегија, истакна Бајрамовска пред пратениците. 

Курто Дудуш, градоначалникот на Шуто Оризари, која е единствена општина каде мнозинството граѓани се Роми и каде живеат повеќе од половината припадници на оваа заедница во Македонија, ја поздрави иницијативата, посочувајќи дека очекува успешна соработка со членовите на групата со цел подобрување на животот на неговите сограѓани. 

Иницијатори на идејата за формирање Интерпартиска парламентарна група за правата на Ромите се пратениците Самка Ибраимоски, Диме Велковски, Ирена Стефоска, Маја Морачанин, Лилјана Поповска, Енес Ибрахим, Агим Муртезанов, Мирсада Емини-Асани, Ивана Туфегџиќ, Ѓулумсер Касапи, Павле Богоевски, Славица Шуманска-Митева, Соња Мираковска и Јулиана Николова.

Покрај пратениците, на основањето на групата присуствуваа и претставници на невладиниот сектор, кои, како што забележаа организаторите на настанов, беа во мал број.

 

 

 

04.06.2018 - 16:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега