Голема заплена на македонската Царина: Пронајдени мигранти и запленети оружје, цигари и што уште не

 

Во текот на минатите три недели, царинските службеници прoнајдоа 13 мигранти без документи за идентификација и спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани воздушни пушки, пригушувачи, оптички нишани и муниција за нив, риби и рибарски мрежи, употребуван погонски мотор за моторцикл, автоделови, цигари, додатоци на сихраната, бижутерија и фалсификати.
Од Царина известуваат дека ова е задржана стока:

Оружје
- 4 парчиња аир софт пушки, 2 парчиња пригушувачи за аир софт пушки и 3 парчиња дијаболи за аир софт пушки, откриени при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените аир софт пушки, пригушувачи и муниција за нив се пронајдени во кутија сместена на задното седиште, во делот за резервната гума во багажниот простор на возилото и под патосницата. Стоката е привремено одземена, а против возачот е отпочната соодветна постапка.
- 2 воздушни пушки од марките Gammo и Sportsman, 2 оптички нишани од марка Gammo и 4.200 парчиња дијаболи марка Premier, откриени при контрола на стока со потекло од Соединетите американски држави, наменети за македонски државјанин, пријавени за увозно царинење во царинската испостава Струга. Производите, кои не биле опфатени со царинската декларација, се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поведена соодветна постапка.

Цигари
- 55 штеки цигари со македонски акцизни маркички, откриени во два одвоени случаи на Интернационалниот аеродром Скопје, при контрола на чекираниот багаж на двајца македонски државјани, пријавени за излез од државата.
Во првиот случај, во багажот на патникот кој имал намера да отпатува со лет за Лондон, биле пронајдени 30 штеки цигари Monte Carlo, а во вториот случај, во багажот на патникот кој имал намера да отпатува со лет за Гетебург, биле пронајдени 25 штеки цигари Pall Mall и Camel. Во двата случаи цигарите се привремено задржани а против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Риби и рибарски мрежи
- 30,6 килограми охридска пастрмка и 10 парчиња рибарски мрежи со должина од по 100 метри, откриени при контрола на патничко моторно возило со албански регистарски ознаки, управувано од албански државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Непријавените риби и рибарски мрежи се пронајдени пред сите 4 седишта на возилото и биле покриени со патосници. Истите се привремено задржани, а против возачот е отпочната соодветна постапка.

Додатоци на исхраната и смеси за фрапе
- 25 пакувања лекарства и суплементи за исхрана, откриени при контрола на македонски автомобил, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против сопственикот, македонски државјанин кој патувал со возилото, ќе биде поведена соодветна постапка.
- 300 кесички од по 250 мг со смеса за подготовка на фрапе, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавените производи, пронајдени во 3 картонски кутии сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Употребуван погонски мотор за моторцикл и автоделови
- 1 парче употребуван погонски мотор за моторцикл марка SUZUKI GSX-R, откриен од страна на мобилните царински тимови, при контрола на комбе со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот мотор бил сместен во картонска кутија и истиот е привремено одземен, а против возачот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка. 
- 9 автоделови (интеркулер, ладилник, фарови, казанче за вода, кутија за филтер за воздух, предна маска, држач за браник и пластично крило), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во кабината под совозачкото седиште, под креветот и во фиоките зад совозачкото седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Друго
- 750 парчиња анкери за бетон и 100 розетни за алуминиумска ограда, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Јажинце. Непријавената стока е пронајдена кај задното и предното совозачко седиште на возилото и била покриена со патосници. Истата е привремено одземена, а против возачот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка. 
- Имитација на накит (88 парчиња нараквици, 50 парчиња ланчиња, 122 парчиња обетки-пирс и 19 пара обетки) и 28 парчиња рачни часовници, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со косовски регистарски ознаки, управувано од косовски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавената стока е пронајдена во 3 црни најлонски ќесиња сместени на подот зад совозачкото седиште и покриени со тренерка и истата е привремено одземена. Против возачот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка, а за 22 парчиња од рачните часовници, кои се со ознаки на познати трговски марки, е поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
- 409 силиконски футроли за мобилни телефони и 7 вратоврски со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случаи во царинската испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење.
Во првиот случај, при контрола на пратка од Кина, наменета за фирма од Скопје, биле откриени 409 силиконски футроли за мобилни телефони, додека во вториот случај, при контрола на пратка од Сингапур, наменета за физичко лице од Скопје, биле пронајдени 7 вратоврски. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани, и согласно законските прописи, се поведени постапки за утврдување на нивната оригиналност.

Мигранти
Мобилните царински тимови прoнајдоа 13 мигранти без документи за идентификација. На 31 мај .2018 година, околу 22:00 часот, на автопатот Скопје-Куманово, околу петстотини метри по новата патарина Романовце, во правец на Куманово, царинските службеници забележале патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки, паркирано на десната коловозна лента, при што приметиле како од возилото излегуваат луѓе. Македонскиот државјанин кој го управувал возилото изјавил дека лицата ги земал од Гевгелија и требало да ги однесе до село Лопате, Куманово, но бидејќи му снемало гориво се паркирал и чекал да му биде донесно гориво од страна на луѓето кои му биле претходница. Според нивна изјава, дел од мигрантите биле од Авганистан, а дел од Бангладеш. Лицата и патничкото моторно возило се предадени на Министерството за внатрешни работи за нивно понатамошно постапување.

 

 

 

18.06.2018 - 16:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега