Тој е албански Швајцарец, но не ги провоцираше Србите: Таткото на Бехрами објасни зошто тој не славеше како Шакири и Џака

 

Репрезентативците на Швајцарија Џердан Шакири и Гранит Џака ги провоцираа српските фанови во текот на мечот на Светското првенство, додека третиот швајцарски Албанец, Валон Бехрами тоа не го направи.

Прво Џака, а потоа и Шакири, после головите дадени со Србија со раката го симболизираа двоглавиот орел, што беше очигледна провокација упатена кон Србите, затоа што претставува симбол на албанското знаме. На нив со таквото радување им се приклучи и капитенот на Швајцарија Стефан Лихтштајнер.

ФИФА им ги одреди казните, кои според некои се и скандалозни. Шакири и Џака ќе платат по 10.000 евра, а Лихтштајнер 5.000.

Во целото тоа лудило единствен прибран беше Бехрами.

Фудбалерот роден на Косово на себе има тетовирано албанско знаме и уште некои работи, како и грбот на Швајцарија на градите, но во славјето не се истакнуваше како Џака и Шакири.

Зошто Бехрами не го покажа двоглавиот орел? На тоа прашање одговори неговиот татко Рагип.

-Валон тоа не го прави, едноставно, можеби спортот понекогаш е нешто повеќе од спорт, но не сакам да се запалат тие работи, вели Рагип.

Баш таа реченица „Спортот понекогаш е повеќе од спорт“ ја напиша фудбалерот на Удинезе на Инстаграм после победата над Србија.

Валон со татко му Рагип, мајката Халима и сестрата Валентина го напуштил Косово кога имал 4 години. Немале документи и им се заканувало протерување.

-Немавме каде да се вратиме, размислувавме илегално да одиме во Шведска или Германија, но интервенираше еден татко на другар на Валон од јуниорскиот локален тим. Собраа 2.000 потписи и некако останавме. Во тоа време Валон беше подобар во скијање, но наскоро почна да тренира само фудбал, додава Рагип, кој не сака да говори за политичките конотации од натпреварот Србија- Швајцарија.

 

 

 

25.06.2018 - 22:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа