О Нил: Грција сака да го остави спорот за името нерешен до бесконечност

 

Сега е јасно дека Владата на Грција не сака спогодбено решение за таканареченото прашање за името на Република Македонија, смета првиот преговарач во грчко-македонскиот спор, амбасадорот Робин О Нил.
 
- Таа знае дека не може да го добие саканиот резултат. Нејзината цел е овој проблем да го остави нерешен до бесконечност. Тоа значи, Македонија да остане со официјалното име Поранешна Југословенска Република Македонија, и исклучена од членство во НАТО и Европската унија, вели О Нил за програмата „Гласот на народот“ на ТВ  Сонце.
 
За  недодамнешната посеста на  Нимиц, амбасадорот вели дека иако медијаторот 18 години неуморно работеше посредувајќи за да се добие спогодбено решение на спорот, одговорот од страна на Грција на неговиот последен компромисен предлог покажа дека на патот за ставање крај на спорот му дојде крајот. 
 
- Грција, едноставно го искористи процесот за да добие на време-бесконечно. Доколку еден преговарачки процес не може да  резултира со договор за период од 18 години, крајно време е да се признае дека тоа никогаш нема да се случи, вели О Нил.
 
Тој вели дека треба да се најде нов пат до решение за спорот за името.

 - Македонија отсекогаш има право да го користи името избрано од страна на својот народ. Повеќе од 20 години грчките влади се обидуваа да диктираат поинаку. Дојде време да се откажат од тоа. Грција никогаш немала право да го диктира името на Република Македонија и Владата на Македонија сега треба ова прашање директно да го упати до Обединетите нации и да побара од Генералното собрание да ја прифати Македонија како член под нејзиното уставно име. Ова не е прашање што може да влијае на меѓународната стабилност или мир што би можело да го засега  Советот за безбедност, вели првиот медијатор во спорот/

Тој смета дека Грција нема претрпено никакви последици од употребата на Македонија на нејзиното уставно име, освен одржувањето на ова прашање отворено како вознемирувачки елемент во нивната внатрешна политика.

 
- Поголемиот дел од членовите на Обединетите нации веќе ја прифатиле Македонија под нејзиното уставно име. Во моментов  треба да се побара тоа да го сторат и во име на самите Обединети нации. Доколку тоа се случи, изгледите за македонското членство во НАТО и ЕУ ќе бидат подобри, не полоши, вели Робин О'Нил.
 
Американскиот аналитичар Џејсон Мико, смета дека Грција му докажа на светот дека не ги почитува договорите кои ги потпишува.

- Грција јасно и континуирано ги прекршуваше пишаното и духот на Времената спогодба, потпишана пред 18 години помеѓу Грција и Македонија. И покрај мислењето на Меѓународниот суд на правдата и настојувањето на одредени земји, Грција му покажа на светот дека не може да се држи до разните  договори што ги прави, вели Мико, додавајќи дека Македонија многу пати докажала дека е подготвена да преговара со добри намери, па Грција мора да се согласи на истото.

Мико вели дека Македонија треба да продолжи со започнатата работа – градење на посилна економија, војска, граѓанско општество, медиуми итн. но, потоа ќе ја чека Грција. 

- Доволно време, работа и ресурси беа искористени за соработка со Грците по ова прашање без резултати. Подобро ќе беше таа работа и обиди да се искористат за изградба на посилна и подобра Македонија отколку да се трошат на несериозен партнер. На крај, името и идентитетот на Македонија и македонскиот народ не може да се променат, освен од страна на македонскиот народ, а тој нема желба за такви промени. Македонија останува Македонија, изјави американскиот аналитичар Џејсон Мико за програмата „Гласот на народот“ на ТВ  Сонце. 

16.09.2013 - 10:01

најчитано сега