Средба Попоски-Туомиоја: Македонија треба да ги почне преговорите за влез во ЕУ
Денеска македонскиот министер за надворешни работи се сретна со својот фински колега, Ерки Туомиоја.
Туомиоја истакна дека Финска секогаш отворено го поддржува проширувањето на Европската унија и е подготвена по петти пат да ја поддржи препораката за почнување преговори со Република Македонија. - Сите знаеме на кои прашања во преговорите ќе треба да се фокусираме, а тоа се демократијата, слободата на медиумите. Тука сме за помош, а не за критика, истакна Туомиоја.
Попоски подвлече дека Грција не успеа да убеди никого оти сака напредок во евроинтеграциите на Македонија. Во контекст на претстојното грчко преземање на претседавањето со ЕУ, македонскиот министер за надворешни работи очекува Грција пред се да го докаже декларираното лидерство во регионот и да се држи до Солунската агенда. - Единствено нешто што го видовме во овој период е или избегнување на дијалог или каков било напредок. Единственото што беше презентирано од нивна страна во досегашните разговори беше настапот со премногу лоши предлози да се креира перцепција со која многу лош предлог би изгледал одличен. Но, она што ни е потребно е да се покаже одредено лидерство во регионот и да се потврди Солунската агенда во 2014 да се овозможи напредок во делот со отпочнување преговори до Македонија. Тоа би бил најважниот заклучок кој би можеле да го извлечат нашите грчки соседи во овој контекст, рече Попоски.
Шефот на финската дипломатија Ерки Туомиоја денеска се сретна и со Радмила Шекеринска, претседател со Националниот совет за евроинтеграции.