Заштитениот сведок препозна неколкумина обвинети за „Монструм“
Со исказ на заштитен сведок во Кривичниот суд во Скопје, денеска, по пауза од речиси месец и половина, продолжи судењето за предметот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство, за петкратното убиство кај Смилковско езеро, сторено на 12 април 2012 година.
Заштитениот сведок на денешното рочиште кажа дека си останува на исказот даден на претходна постапка.
Обвинителката Фатиме Фетаи на почетокот на рочиштето побара од судот да започне постапката за екстрадиција на обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се на Косово и се недостапни за македонските власти, а по нив е распишана меѓународна потерница.
Судијата Огнен Ставрев кажа дека веќе се во контакт со косовските власти за постапката за екстрадиција.
Во однос на барањето за исклучување на јавноста од сослушувањето на заштитетниот сведок, Фетаи рече дека не гледа ниту една причина тоа да биде направено.
- Според Законот за заштита на сведоци, а и во интерес на сите нас е јавноста да биде присутна на сослушувањето, рече Фетаи.
Судијата Ставрев кажа дека јавноста нема да биде исклучена и ќе може да присуствува на сослушувањата на заштитениот сведок во „Монструм“.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа