Прекинува бојкотот - опозициските пратеници ќе поставуваат прашања до Владата
Денеска во македонското Собрание ќе се одржи 71. седница наменета за пратенички прашања до премиерот и на членовите на Владата.
Според најавите од СДСМ и вчерашната координација пред седницата за поставување пратенички прашања, опозицијата се враќа на седниците за пратенички прашања кои ги бојкотираше по настаните од 24 декември.
Според предвиденото, првите две прашања ќе ги постават пратеници од опозицијата, па потоа прашање ќе постават од владејачкото мнозинство.
Опозициските пратенички групи, се уште не присуствуваат на редовните понеделнички координации со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Тие најавуваат дека тоа ќе се случи кога партиите ќе се усогласат за точките што произлегуваат од заклучоците и препораките на ад хок Комисијата за 24 декември, на што работи Работната група. Последната средба на Работната група се одржа вчера попладне, а претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на ДУИ требаше да се изјаснат за предлозите на владејачкото мнозинство.