Ужас во црквата „Свети Никола“ - влегле насила и направиле хаос

 

Поголема материјална штета била нанесена на црквата Свети Никола во тетовското село Копанце откако засега непознати сторители на насилен начин влегле во црквата, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Случајот во полиција бил пријавен вчера околу 19 часот од клисарот во црквата Ч.Е.(74).

Според неговата пријава, сторителите во неутврдено време помеѓу четврток и петок најпрвин насилно ја отвориле металната каса пред влезот во црквата, а потоа со метални скали што биле во дворот се искачиле на источната страна, го скршиле стаклото од прозорецот и влегле внатре но ниту од металната каса ниту од внатрешноста на црквата не зеле ништо. Меѓутоа од засега неутврдени причини на масата за продавање свеќи избувнал огин при што изгореле околу 5 килограми свеќи, а биле оштетени и плочките во близина на масата.

За евентуални оштетувања на фреските и иконостасот од предизвиканиот чад и температурата засега нема информации. Полицијата извршила увид и работи на откривање на идентитетот на сторителите како и вкупната материјална штета. Годинава во тетовско имаше над дваесет кражби во верски објекти при што во голем број случаи предизвиканата материјална штета на црквите и џамиите беше повеќепати поголема од одземените пари.

Шест од кражбите во црквите во Тетово, Копанце, Радиовце и Подбреѓе извршени во текот на мај беа расчистени од страна на полицијата  а против две лица, Џ.М.(22) од Тетово и 17 годишник од селото Озормиште беа поднесени соодветни пријави.

 

 

 

25.08.2018 - 11:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега