ОБСЕ/ОДИХР ќе нé советува како да се провери Избирачкиот список

 

Работната група ќе ги интензивира активностите за проверка на Избирачкиот список. 

Ова беше договорено на денешниот состанок на групата на кој експертите на ОБСЕ/ОДИХР за анализа и проценка на меѓуинституционална соработка и постоечките процедури при водење на Избирачкиот список, најавија извештај со препораки за надминување на неговите недостатоци.

Двајца експерти на ОБСЕ/ОДИХР овие неколку дена престојуваат во земјава и остваруваат средби со претставници на политичките партии и институциите одговорни за Избирачкиот списот. Зоран Доковиќ денеска најави дека во нивниот извештај ќе има и препораки за надминување на недостатоците, но и најдобрите практики од земјите членки на Организацијата.

Претставникот на СДСМ, Дамјан Манчевски истакна дека социјалдемократите бараат теренски да се провери Избирачкиот список, бидејќи не е направен попис на населението.

- Ние сме во теснец со времето бидејќи во март ќе се спроведуваат претседателските избори, изјави Манчевски, кој исто така предложи МВР на секое три месеци до Работната група да доставува до нив извештај за новоиздадени лични документи и издвојување на граѓаните кои не живеат во Македонија и се обележани со ѕвезда во Избирачкиот список во посебен список. 

Претседавачот на Работната група Бедредин Ибраими, пак, рече дека иако овие предлози се добри и умесни, законски не се засновани. Околу гласачите кои живеат во други земји,  Ибраими вели дека Државната изборна комисија не може ништо да направи бидејќи тие од формално-правен аспект ги поседуваат документите за гласање.

19.09.2013 - 15:28

најчитано сега