Аселборн: Референдумот е историска шанса за да одите напред

 

Претстојниот референдум е предизвик за вашата земја. Треба да се одлучите дали ќе останете во минатото, или ќе изберете иднина. Излезноста на референдумот мора да биде висока, што ќе биде во интерес и на вашата земја и на ЕУ. Ова се дел од изјавите на министерот за надворешни работи на Луксембург Жан Аселборн, кој е во посета на Скопје.

 - Знам дека имате посебна ситуација во вашата земја, и среќен сум што сум тука во овие клучни моменти за вас, во пресрет на референдумот на 30 септември. Добро ја паметам 2005 година кога добивте кандидатски статус за членство во ЕУ, и знам колку беше тешко, се до оваа година, кога повторно го отворивте патот кон НАТО и ЕУ, посочи Аселборн.

Исто така тој изрази задоволство што Македонија и Грција најдоа решение за спорот, и како што кажа, „што двајцата премиери ја отворија вратата и со тоа дадоа позитивен поттик за целиот регион“.

- Во 2005 година кога Луксембург претседаваше со Унијата, идејата беше сите земји од Балканот да бидат членки во ЕУ до 2015 година. Балканскиот регион е наш регион, регион на ЕУ, но потребни се напори од двете страни, рече Аселборн и додаде оти ќе биде политичка грешка ако не се направи исчекор и во јуни да не се донесе позитивна одлука. Одлучивме дека сега е моментот да кажеме „да“ за вашата земја, донесовте решение за името, и не можеме да чекаме две или три години за одлука, ако ја одложевме, ќе испратевме негативен сигнал за целиот регион, рече Аселборн. 

„Драги македонски граѓани ве чекаме во ЕУ и НАТО“ порача Асеборн зборувајќи на македонски јазик на крајот на прес-конференцијата.

На новинарско прашање дали доколку Луксембург би се нашол во ситуацијата на Македонија, за да го промени името, тој рече оти прашањето е сложено. 

- Тука не станува збор за името во вашиот случај, туку и за идентитетот, на државата, на народот, и некогаш за да се пронајде решение патот е долг, но резултатот сега е веќе на масата. И кога јас би бил Македонец, би одговорил „да“ на ваквото решение, рече Аселборн.

 

 

 

06.09.2018- 12:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега