Американски специјалист го пренесе своето знаење на доктори од Детската клиника

 

Специјалистот по ургентна педијатрија, придружен професор на Детската болница во градот Луисвил, во американската држава Кентаки, Дејвид МекЛарио,  обучи тим доктори на Детската клиника кои ќе пружат помош на околу 20.000 деца годишно.

МекЛарио е дел од групата американски доктори кои доаѓаат во Македонија во рамки на проектот на Министерството за здравство за престој на реномирани специјалисти од САД во јавните здравствени установи во државата, со цел спроведување обука на македонските специјалисти за оние вештини и компетенции кои во моментов недостасуваат.

Министерот за здравство Никола Тодоров кој денеска ја посети Клиниката за детски болести и истакна дека проектот успешно се спроведува и функционира:  - Одиме со практична обука која се одвива во амбулантите и во ургентните сали, но и со обука во чии рамки има предавања и обуки за конкретни состојби. Денеска докторот со неговите колеги на Клиниката за детски болести разговараше за труења кај децата. Тренингот се одвива преку случаи, а тоа е одличен начин на комуникација затоа што овозможува огромни ниво на интеракција меѓу сите оние кои се вклучени во тренингот, рече Тодоров.

- Презадоволен сум од досегашното спроведување на проектот бидејќи со него доаѓаат врвни имиња од медицината кои работат заедно со македонските доктори, што беше реткост да се видат претходно во Македонија. Ова е клучниот сегмент кој е неопходно постојано да се подобрува во здравството. Многу пати сум кажал можеме да инвестираме во објекти, опрема, но доколку не инвестираме континуирано во знаењата, во човечкиот потенцијал, не можеме да зборуваме за подигнување на квалитетот на здравствена заштита, истакна Тодоров.

Според него, основен предуслов за да има квалитетна здравствена заштита е квалитетот на знаењата на докторите, медицинските сестри, на болничарите и сите медицински работници.

- Тоа најдобро се обезбедува со постојан тренинг, едукација, со можност за размена на знаења и искуства, за поврзување на нашите доктори со нивни колеги во врвни медицински институции во светот, рече Тодоров и им се заблагодари на ЛинкАкрос и на американските доктори кои, како што додаде, одвојуваат драгоцено време да поминат од 10 до 14 дена тука со нивните македонските колеги и неуморно да го пренесуваат знаењето, вештините, искуства и ставовите кои ги стекнале во нивната едукација и низ нивното работење во САД.

Од своја страна докторот МекЛарио изјави дека му претставува задоволство да соработува во македонските доктори. 

- Се надевам дека ќе помогнам во подобрувањето на македонското здравство. Имате педијатри кои ги сакаат децата и се многу едуцирани.  Имате добро обучени лекари кои веројатно може да се носат со сите лекари од целиот свет, додаде МекЛарио.

 

 

20.09.2013 - 16:04

најчитано сега