Дојде време: Најдобриот рецепт за кисела зелка во буре
Ноември е времето кога оние кои ја подготвуваат оваа превкусна зимница веќе ги подготвуваат бурињата. Се вели дека зелката се става околу Митровден, но ако е потопло, како оваа година, може и подоцна, па се чини, овие денови се идеални и веројатно последна можност да ја ставите зелката пред големите студови.
1. Зелката убаво исчистете ја од валканите (надворешните )листови. Нека останат чисти парчиња зелка.
2. Со остар нож направете вдлабнатини во стеблото (кочанот) на зелката
3. Наполнете го кочанот со сол до врв и наредете ја зелката во садот во кој што ќе ја чувате. Редењето треба да биде со долниот дел нагоре (со кочанот нагоре)
4. По секој ред зелка посипувајте сол.
5. Задтворете го садот, оставете го еден ден да одстои и следниот ден наполнете го со вода. Водата мора да ги прекрива зелките.
6. Во текот на првите две недели, на секои 2-3 дена преточувајте ја водата за да се измеша и убаво да се растопи солта.
Садот во кој што ќе ја чувате зелката може да биде со чешмиче (чеп). Доколку имате теков сад, отворете го чепот и нека истече водата во друг сад. Не мора и не може да истече целата вода одеднаш. Затоа се преточува неколку пати. Водата од малиот сад повторно се враќа во бурето. Ова се прави за да се измеша убаво солта и да може полесно да се раствори. Се прави само на почетокот, потоа нема потреба.
Солта се одредува од прилика. Потребно е 5% сол на килограм зелка. Доколку сметате дека не е доволно, додадете сол. Водата треба да е бистра. Ако водата почне да се заматува тоа е знак дека нема доволно сол, па додадете сол. Веќе заматената вода нема да се избистри, но тоа воопшто не е проблем.
Во случај да ја пресолите зелката, не е страшно. Извадате ја пред да ја користите и оставете ја потопена во чиста вода да постои. Сменете ја водата и пробајте дали ви се допаѓа на сол зелката. Повторете ја постапката за одсолување додека не добиете вкус по ваша желба.
Вака приготвената и стасана зелка се користи како свежа салата, за сарма, подварок и сл.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа