Попоски: Грција да ги погледне рамката на ОН и мислењето на Меѓународниот суд на правдата
Шефот на македонската дипломатија одговори на изјавата на грчкиот министер Евангелос Венизелос, во која потенцираше дека Грција би прифатила само ерга омнес име, односно Македонија да прифати ново име за сите употреби.
- Мислам дека најзначајно во овој момент е пред да се даваат такви изјави и размислувања, да се погледне рамката на Обединетите нации во која се решава овој спор и да се погледне мислењето на најнадлежен орган, Меѓународниот суд на правдата, кој јасно дефинира што може, a што не може, некој од надвор да го регулира. Пред се треба да запомниме дека се работи за две демократски земји кои се залагаат за владеење на правото и почитување на меѓународните норми. Доколку тоа е вистина, мислам дека многу полесно би ги надминале овие прашања, реагира министерот Попоски.
Како што пишува МИА, Венизелос претходно не сакал да одговори на прашањето на МИА за неговата вчерашна изјава, во која ги истакна грчките црвени линии во спорот за името.
Мартин Несирки, портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, вчера попладне информираше дека за неколку недели може да се очекува нова средба на посредниците во разговорите за спорот. Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис ќе остварат средба во Њујорк, на покана на амбасадорот Метју Нимиц. Несирки истакна дека генералниот секретар Бан се надева дека на оваа средба ќе доведе до приближување на ставовите.
Македонската делегација на Генералното собрание на Обединетите нации денеска започна со повеќе билатерални и мултилатерални средби. Шефот на делегацијата, претседателот на Владата Никола Груевски ќе присуствува на свечениот прием во организација на претседателот на САД Барак Обама.
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски досега се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер, министерот за надворешни работи на Нов Зеланд Мареј Меккали, а имаше и свое обраќање и на министерскиот состанок на Организацијата на Франкофонијата и на високата средба посветена на Милениумските развојни цели.
- Ова е добра можност да оствариме средби со сите земји од нашето соседство, со земји со кои не можеме често да се среќаваме, да направиме добра комбинација на разговори во доменот на Обединетите нации, но и во доменот на билатералните односи со поголем број земји. Се разбира дека добар дел од активностите е насочен кон презентирање на нашата кандидатура за членство во Советот на човекови права на Обединетите нации. Се надеваме дека во тоа ќе бидеме успешни и во следните три години ќе можеме да придонесе за промовирање на човековите права на глобално ниво, рече министерот Попоски.