МНР сеуште нема стапено во контакт со Македонецот кој го преживеа ужасот во Најроби
Триесет и осум годишниот Александар Велковски од Прилеп, успеа да ја преживее дваесет часовната голгота во трговскиот центар Вестгејт во Најроби, но сепак македонското Министерство за внатрешни работи сеуште неможе да стапи во контакт со него.
Од министерството апелираат дека доколку на Велковски му е потребна каква било помош тој треба да се обрати до нив или до амбасадата во Каиро.
Како што пишува порталот 24вести, МНР за случајот дознал од медиумите, а подоцна се јавило и семејството на прилепчанецот.
Велковски за Канал 5 ја раскажа својата страшна приказна во која ги изгубил и пасошот и сите платежни картички. - „Бев да купам пелени за ќерка ми кога почна пукањето. Маскирани напаѓачи пукаа од калашникови насекаде. Јас тогаш бев на првиот кат и не знам ни самиот како успеав да се извлечам. Околу 20 часа бев во заложништво“, вели тој за Канал 5.
Оваа драма започна во сабота кога членови на организацијата Ал Шабаб упаднаа во трговскиот центар Вестгејт. Во нападот кој според Ал Шабаб е одговор на кениското мешање во сомалискиот конфликт, загинаа повеќе од 60 лица, а околу 200 беа повредени.