Завршува проектот за промоција на интересите на македонските фармери

 

Федерацијата на фармери на Република Македонија со помош на Шведската агенција за развој прерасна во организација која ќе ги штити интересите на земјоделците и ќе биде релевантен фактор во креирањето на земјоделските политики.

Со проектот „Промоција на интересите на фармерите во РМ“ кој се спроведуваше изминатите десетина години, а официјално се затвори денеска, ФФРМ ги изгради внатрешните капацитети на организацијата.

- Најважно е тоа што успеавме да изградивме организација во делот на земјоделството која ќе ги заштитува правата и интересите на земјоделците и ќе ги едуцира. Она што е препознатливо е и инвестирањето во две групи кои беа маргинализирани, а тоа е мрежата на млади и мрежата на жени. Над 150 жени се вклучени во оваа мрежа и над 200 млади луѓе беа вклучени во школата за млади лидери што ја организиравме. Сето тоа е потенцијал кој понатаму треба да се врати во земјоделството и тие треба да бидат носечка сила за многу прашања кои ги засегаат земјоделците, изјави денеска претседателот на ФФРМ, Андрија Секуловски.

Според заменик-министерот за земјоделство Зоран Коњановски, на Владата и е потребни партнери како ФФРМ.

- Ваквите земјоделски здруженија можат многу да помогнат со своите совети и критики за одредени политики што ги прави Владата. Отворени сме за комуникација и сакаме да го слушнеме гласот на земјоделецот. И понатаму ќе работиме со невладиниот сектор и заедно ќе ги креираме сите мерки и политики и не случајно го донесовме петгодишниот план за развој на земјоделството каде се предвидени околу 725 милиони евра за развој на македонското земјоделство, нагласи Коњановски.

Претставникот на СИДА, Андерс Хедлунд смета дека земјоделството е важен фактор за економскиот развој во една држава и оти е битно земјоделецот да биде вклучен во креирањето на земјоделските политики.

- Особено важна е една ваква организација посебно кога се креираат земјоделските политики во државата. Важно е и Владата во Република Македонија да има партнер со кој ќе разговара за овие политики. Затоа битно е да се слушне гласот на земјоделецот и тој да има влијание во креирањето на политиките, истакна Хедлунд.

 

25.09.2013 - 12:38
Фото: 
Нетпрес

најчитано сега