Проблеми во рајот: Помалите коалициони партнери почнаа да му откажуваат послушност на Заев

 

Незадоволството на помалите партии, дел од коалицијата која го одржува премиерот Заев на власт почнува да излегува на површина. И во ЛДП но и во НСДП веќе не кријат дека се потешко наоѓаат заеднички јазик со СДСМ и дека големи се шансите тие сами да истрчаат на Претседателските избори.

„Разговараме постојано на најразлично ниво, за тоа не можам да имам поплаки, премиерот е достапен во секој момент, но очигледно проблемите не се помрднуваат и доведоа до тоа јавно да се изнесат.“ – вели Милевски во интервју за Press24.

Милевски е прв лидер на партиите приврзоци на СДСМ кој јавно се спротивстави на политиките на Владата на која неговата партија и дава поддршка. Милевски вели дека од принцип останува против зголемувањето на даноците а за Претседателките избори на пролет, не крие дека неговата партија има желба и намера да истрча со сопствен претседателски кандидат.

Во таа насока веќе на големо работи екс пратеникот на НСДП, партија која исто така е сателит на СДСМ Љубомир Јосифовски.
Тој на социјалните мрежи веќе почна и кампања за собирање на потписи за независна претседателска кандидатура.

„Да се здружиме сите слободоумни и самосвесни индивидуи и на следните претседателски избори да излеземе со единствен/на кандидат за претседател. Време има доволно. Ова ќе овозможи да се канализира целокупната енергија и критика во вистински правец и како организирана форма, да даде победнички резултат.“ – пишува Јосифовски на социјалните мрежи.

Ставот на Милевски против дел од политиките на Владата на Заев го чинеше едно пратеничко место, откако пратеничката Никица Корубин која доживеа катастрофа на партискиот Конгрес реши да ја напушти пратеничката група на ЛДП и веројатно ќе дејствува според насоките од СДСМ.

И Јосифовски не помина најдобро во НСДП. Тој му беше противкандидат на Тито Петковски за местото партиски претседател, а поразот веројатно го чинеше пратеничко место, бидејќи тој не беше кандидиран за нов пратенички мандат.

Не цветаат рози ниту во односите меѓу СДСМ и партијата ДОМ. Катастрофалната политика на Владата на полето на екологијата беше клучна по подолг период и ДОМ да излезе со критики.

Упатени сепак велат дека во овој момент, ова не би требало да се толкува како сериозна закана за стабилноста на Владата на Заев. Според нив, помалите партии прво ќе се обидат да направат некако пазар со СДСМ, односно во таа политичка трговија да добијат колку што е можно повеќе или како што се вели меѓу граѓаните „да си ја покачат цената“.
Сепак, мнозинството на власта е тенко и зависи од само неколку пратнеици, па не се исклучува можноста евентуалната ескалација на незадоволство да резултира со предвремени парламентарни избори заедно со Претседателските. И да се случи тоа, дел од упатените велат дека не мора да биде резултат на реално незадоволство кај коалиционите партнери, туку само договор за пократок пат до избори во време кога Премиерот во последните неколку месеци повеќе пати изјави дека не сака парламентарни избори заедно со претседателските.
Сепак, според експертите, не треба да се исклучи можноста, доколку премиерот оцени дека така ќе биде најдобро, на пролет парламентарни избори сепак да има особено ако се има предвид дека во последните неколку месеци, сите анализи на јавното мислење покажуваат сериозен пад на поддршката на Владата меѓу граѓаните.

Политичките аналитичари предупредуваат дека треба да се земе предвид и фактот дека дел од овие партии може да бидат привлечени од ВМРО-ДПМЕ, партија која по внатрешното раслојување засилено ќе бара нови партнери на политичката сцена и во албанскиот и во македонскиот политички блок.  За релаксацијата на односите меѓу помалите партии од левицата и ВМРО-ДПМНЕ говори и гостувањето на најголемата опозициска партија на Конгресот на ЛДП. Партискиот претседател Милевски не го криеше задовлството поради тоа

 Само со разговори и фер однос можеме да го постигнеме помирувањето. Да се натпреваруваме без навреди, без квалификации, подметнувања, спинувања, без поделби. Да се натпреваруваме за проекти, решенија кои ќе им ги понудиме на граѓаните, секој од позициите на својата идеологија како либерална, демохристијанска или социјалдемократска. – изјави Милевски во интервјуто за Press24.

И во ВМРО-ДПМНЕ не кријат дека прават обиди за затоплување на односите со помалите партии од власта. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев вели дека времето ќе покаже дали и кога повторно ќе соработуваат.

„Желби за успешна работа на Конгресот на Либерално Демократска Партија ЛДП. Времето ќе покаже дали и кога повторно ќе соработуваме.
Честитки до Горан Милевски за изборот за претседател. ВМРО-ДПМНЕ и ЛДП заеднички сметаат дека НЕ треба да растат ДАНОЦИТЕ.

Благодарност за гостопримството кон делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ. Убав настан со околу 500 присутни“. – напиша Ѓорчев

НСДП, ДОМ и ЛДП заеднички располагаат со 7 пратеници во законодавниот дом кои би можеле да и пресудат на Владата на Заев доколку дојдат до заклучок дека од нивната соработка со власта, ниту нивните партии ниту пак државата не извлекуваат никаква корист.

А.С.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.12.2018 - 12:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега