Наредната година превозниците со дозволи за еуро 6 стандарди

 

Денеска Македонското министерство за транспорт и врски информираше дека наредната година ќе бидат распределени  1.310 годишни ЦЕМТ дозволи за возила со еуро 5 категорија  и 84 за возила со еуро 6 категорија.

Аплицирањето може да се направи на страницата www.dozvoli-mtc.gov.mk  од 10 до 15 октоври. Право за аплицирање имаат трговските друштва кои имаат лиценци за јавен превоз на стоки, за сите видови меѓународни транспортни дозволи, и трговските друштва кои имаат лиценца за превоз на стока за сопствени потреби, за поединечни транспортни дозволи-резервација.

Македонскиот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, информираше денеска за оваа одлука.

-  Во последните 12 месеци во Македонија се купени повеќе возила со еуро 5 и еуро 6 стандард  и во контакт со дилерите знаеме колку точно ќе пристигнат до 10 октомври.  Моментно се лиценцирани 29 возила со еуро 6,  а се очекува до 10 октомври да има 84, што значи дека  таа категорија ќе биде целосно покриена. Ние сме постојано во контакт со земјите од регионот и пред се со земјите чија територија ја користат нашите превозници и добиваме екстра уилатерлни, транзитни  или дозволи за трети земји. Со тоа сите оние што нема да добијат ЦЕМТ дозволи ќе гледаме во соработка со  останатите земји да им дадеме друг тип дозволи, иако ЦЕМТ-от е најдобар,  нагласи министерот Јанакиески.

Исто така, Јанакиески денеска најави дека на 1 октомври ќе биде објавен оглас за одобрување возни редови за нови линии или промена на возни редови на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот линиски превоз на патници, а ќе се аплицира преку страницата  www.liniskiprevoz.gov.mk. Право на учество имаат превозници-правни лица кои имаат лиценца за вршење меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници. 

Аплицирањето ќе биде извршено по електронски пат во периодот од 9 часот на 1 октомври до 21 часот на  2 октомври.

25.09.2013 - 14:42

најчитано сега