Ештон: Србија е на „вистинскиот пат“
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон на српскиот претседател Томислав Николиќ му даде потврда за тоа дека Србија е „на вистинскиот пат“ кон отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ.
- Ештон рече дека во декември нема да има изненадувања и дека ние со право сметаме на отпочнување на преговорите (за членство во ЕУ), во кои веќе нема да има отстапувања од европска страна, изјави Николиќ по средбата со Ештон во Њујорк.
Николиќ на високата претставничка на ЕУ и укажал за „нелогичностите и неправилностите“ во активностите за локалните избори во Косово, на што добил уверување од Ештон за разгледување на случајот.
- Доколку немаме свои членови во избирачките одбори, доколку немаме член во Централната изборна комисија, доколку од 11.000 избирачи кои досега се пријавиле од Србија за гласање само 200 се прогласени за вистински гласачи, тогаш тоа е знак дека некој повторно се обидува да не прејде, рече Николиќ.
Претседателот на крајот рече дека од овие избори очекува Србија „своите луѓе конечно ќе ги упати на соработка со европската заедница и целиот свет, ќе им обезбеди легитимитет за да можат јавно и отворено да ги изнесат своите проблеми и да бараат решенија“.