Доброволно порамнување пред да се оди во стечај - еве што иницира Стопанската комора

 

Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, на вчерашната 23. седница расправаше за потребата од иницирање задолжително предстечајно порамнување, пред донесувањето на најавениот Закон за финансиска дисциплина.

Од Стопанската комора велат дека во досегашната пракса, недоволно, може да се каже и воопшто, не се користи доброволното порамнување со должникот пред отворање на стечајната постапка за кое условите се определени со Законот, и, како по правило, во стечај се оди без план за реструктуирање. Се спроведуваат многу малку стечајни планови, што укажува на фактот дека постои очигледен јаз меѓу формалната и вистинската правна стечајна процедура. Затоа, стечајот на претпријатието во земјава по правило значи негово исчезнување.

Како што информираат од Комората, со последните измени и дополнувања на Законот за стечај, од 29 мај 2013 година, направен е напор кон благо свртување кон моделот на реструктуирање и опстанок на стечајниот должник, но како и во досегашната пракса и позитивните прописи, неизвесно е очекуваното позитивно поместување во праксата на тој план, пред се поради доброволноста од една, како и некористењето на досегашната правна можност за претстечајно порамнување од друга страна.

- Имајќи ја предвид актуелната состојба на македонското стопанство на планот на ликвидноста и задолженоста, се укажа на потребата од прочистување на перспективните од неперспективните инсолвентни правни субјекти, пред воведувањето на најавениот закон за финансиска дисциплина, па оттаму се постави прашањето дали истото ќе биде поттикнато преку воведување задолжително предстечајно порамнување, стои во Соопштението од Комората.

26.09.2013 - 12:57

најчитано сега