Ѓорѓиевски: Скопје е претворен во крвава арена, а полицијата никаде ја нема да ги заштити нашите граѓани
Во Скопје владее хаос и криминал. Само за еден месец во главниот град се пријавени 20 разбојништва. Нема ден, а да не се вади оружје. Мета се бензински пумпи, обложувалници и пошти. Прашање на време е кога ќе падне и првата жртва бидејќи Оливер Соасовски и неговите функционери се незаинтересирани да постапуваат или пак се во коалиција со криминалот, ова денеска на прес-конференција го истакна Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Оливер Спасовски го интересираат само личните амбиции и кариера. Наместо да се грижи за безбедноста на граѓаните и јавниот ред и мир, тој турка кампања за претседател и не презема ништо за намалување на криминалот во нашата земја. На први јануари се евидентирани три разбојнички кражби, една кај Хотел Белви со пиштол и нож и две во село Арачиново, со закана и употреба на физичка сила. Само два дена подоцна на трети јануари евидентирани се две разбојнички кражби од кои едната на ул. Исаија Мажовски, со остар предмет и една кај Поликлиниката во Чаир, со закана и со употреба на сила. Неколку дена потоа со пиштоли ограбена е бензинската на Окта на автопатот Тетово – Скопје. На 8 јануари со физичка сила и со употреба на нож е ограбена куќа во Сопиште. Неколку дена подоцна на 12 јануари со пиштоли ограбени се два објекти на улиците Јужно Моравска Бригада, каде е ограбена кладилница и објект на Климент Охридски, потенцира Ѓорѓиевски.
Тој додава дека со употреба на пиштоли се направени и две разбојнички кражби на 21 јануари на ул. Волт Дизни и ул. Климент Охридски. Два дена потоа е ограбена кладилница на ул. Благоја Стефковски и казино во Бутел.
-При крајот на месецот на 27 јануари на ул. Маџари е ограбена обложувалница и бензинска пумпа на Макпетрол, додека на 30 јануари ограбени се обложувалница на Спорт лајф на Партизанска, КАМ маркет на ул. Ѓорче Петров, Стокомак во Козле и двајца луѓе се повредени еден во Шуто Оризари и еден во Волково. Заедничко за сите овие криминали е тоа што ништо не се расчистува. Процентот на реализација на актуелното раководство на МВР е понизок од кога било во минатото. Затоа МВР крие колку дела се пријавени во Скопје, а колку од криминалите се расчистени. Да почитувани, нема место во Скопје, нема ден, кога не е извршено разбојништво. Градот ни е претворен во крвава арена. Криминалците владеат со улиците, а полицијата никаде ја нема да ги заштити нашите граѓани. Оваа власт ја наруши безбедноста и не е способна да го гарантира мирот на граѓаните. Оваа власт мора час поскоро да си замине, истакна Ѓорѓиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа