Груевски во ОН: Македонскиот народ никогаш нема да прифати да биде преименуван
Република Македонија ја прославува 20-годишнината од членството во ОН со сè уште нерешено прашање во однос на употребата на името на мојата земја, Република Македонија и прашањето околу идентитетот на мојот народ – македонскиот идентитет, прашања кои се појавија заради спор кој го отвори нашиот јужен сосед Грција кој се противи на нашето именување кое е наше суштинско индивидуално и колективно право, истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето пред 68 Герелано собрание на ОН во Њујорк.
Република Македонија, согласно меѓународното право, посочи Груевски, има право да се самоименува и да го именува својот идентитет како македонски.
- Македонскиот народ никогаш нема да прифати да биде преименуван, а ако ова прашање не може да се реши сега, иако ние сме најзаинтересирани за негово решавање и искрено посакуваме решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно взаемно прифатливо, тогаш некоја друга генерација во поинакви околности ќе може да го реши ама токму врз база на вредностите, позициите и принципите кои претходно ги наведов, а кои говорат за праведно и правично решение, без победници и поразени. Но, лично сметам дека ние не смееме да ги оставаме жешките теми на идните генерации, туку мора да се обидуваме да најдеме решение и да смогнеме сили да обезбедиме просперитет за државите и регионот, рече македонскиот премиер.
Нагласи дека решавањето на разликите со јужниот сосед е наш приоритет, но токму и само во рамките на границите на резолуциите на ОН кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение, и никако на друг начин, а особено никако со проширување на тие граници.
- Шеесет и шест години по Универзалната декларација за човековите права, со овој спор кој ни е неправедно наметнат од Грција се повредува и едно од фундаменталните права на поединецот, правото на самоименување. На било кој припадник на мојот народ му е оспорено правото да се именува онака како што се чувствува, онака како што се именувале и чувствувале неговите мајка и татко, баба и дедо, и сите останати предци во историјата – како Македонец. Грција покрај што го оспорува уставното име на мојата земја Република Македонија го оспорува и идентитетот на моите граѓани, односно не дозволува тие да се нарекуваат Македонци, а јазикот кој го говорат да се нарекува македонски иако уште од пред повеќе од половина век низ универзитетите на свтот има катедри на кои се изучува македонскиот јазик и истиот се именува како македонски јазик. Тоа е како некој да ви оспорува дека говорите француски, германски, полски, англиски, холандски, португалски, јапонски, индијски и други јазици, истакна премиерот Никола Груевски