Груевски: ОН не смее да седи со скрстени раце за спорот со името
Обединетите Нации не смеат да не погледнат во прекршувањето на фундаментално човеково право самоименувањето и треба да покажат суштинска активност во овозможувањето на тоа право, а во овој случај активност која ќе води кон решение на отворените прашања кои ние ги имаме со Грција.
Ова го истакна македонскиот премиер Никола Груевски во вчерашното обраќање пред Генералното собрание на ОН.
- Минатата година дебатиравме за превентивната дипломатија и заклучивме дека таа треба да биде суштински елемент на меѓународната заедница. Затоа ОН не можат и не смеат да стојат настрана од овој процес кој силно ги попречува македонскте аспирации за подобра иднина за граѓаните. Треба ангажман за да се овозможи Грција да пристапи кон решавање на ова прашање, зашто две години наназад се забележува огромна инертност на грчка страна која, покрај тоа што е резултат на објективни причини предизвикани од нивната неповолна економска состојба, има и стратешки и тактички политички елемент кој е базиран на анализата дека со одолговлекувањето на процесот и нерешавање на спорот ќе се придонесе Република Македонија да се изолира во своите позиции кои се базирани на меѓународното право и вредностите и да потпише своевидно самоукинување на државата и на нацијата преку согласност за преименување, рече Груевски.
Груевски истакна дека во таа анализа, се цени дека со немањето на интензитет на разговорите, Македонија соочена со блокираните евро и евроатлантски интеграции кои се попречени директно од спорот и покрај исполнувањето на стандардите кои ги побараа меѓународните мултилатерални организации (НАТО и ЕУ) и соочена со можноста за внатрешни несогласувања околу оваа попреченост која е предизвикана од нашиот јужен сосед, ние би го спуштиле гардот и покрај силата на аргументите која е на наша страна.
- Точно е дека со одолговлекувањето на решението на спорот растат предизвиците и во земјата, но и на регионално ниво, и расте и тензичноста во определени моменти, но на секого треба да му е јасно дека таквите предизвици никако не може да се сметаат како тас на вагата кој ќе придонесе да се измени нашата оправдана и меѓународно правно исправна позиција, што би водело кон промена на нашиот македонски идентитет. Не може со наметнување на позиции на блокади да се промени нешто што постои со векови, ниту пак со закани од можни несогласувања, тензии или немири, па дури и со ефектуирање на истите, рече Груевски.
Премиерот потсети дека Македонија е постојано иницијатор на конкретни чекори кои ќе доведат до суштински разговори и евентуално решение на долгогодишниот спор.
- Велат постапките говорат исклучиво за оние кои ги преземаат. Соочен со немањето интерес на Република Грција за суштински разговори за решение на спорот, пред два месеца му предложив на грчкиот премиер да го промениме форматот на разговори, односно да го подигнеме на многу повисоко политичко ниво, јас како македонски и тој како грчки премиер, заедно со министри од двете влади директно да се среќаваме и да разговараме за решение. Тоа би водело кон поголема ефикасност, бидејќи ние сме најповикани да го решиме ова прашање. 22 години се премногу време на тапкање во место и се доволен доказ дека мора да има промена на играта. Нашиот мандат кој граѓаните ни го довериле треба да биде суштински за постигнување на взаемно прифатливо решение, за кое верувам дека може да се постигне, решение со кое ќе се согласат и ќе го поддржат граѓаните на нашите земји, рече Груевски пред ОН.
Сепак, рече Груевски, ОН не смее пасивно да набљудува доколку нема придвижување, бидејќи, како што рече, тоа е покажување на дополнителна неодговорност.
- ОН треба, свесни за оваа сега веќе безизлезна ситуација, да помогнат со своите механизми, преку Генералното Собрание, па и Советот за безбедност, врз основа на чија резолуција разговараме со нашиот сосед, да се дојде до решение кое ќе ги одглави перспективите на мојата земја. Во спротивно, ОН ќе се соочи повторно со неуспех и ќе сноси одговорност заради нереагирањето согласно сопствените принципи и вредности. Тука не сакам да амнестирам никого, сите ние имаме одговорност, но има и оваа организација, која наместо да го прифаќа комодитетот од тивкото нерешавање на овој спор и наместо да се штити преку преспивање на оваа статус кво ситуација, која евидентно создава проблеми и предизвици за регионот, треба да почне со разгледување на алтернативни сценарија и похрабро да поттикне решавање на овој долгогодишен спор, оцени Груевски.